Овие ровки лепчиња може секој лесно да ги приготви според рецептот на Давор Панчевски чија видео презентација можете да ја погледнете подолу во текстот. Тестото е обично и се замесува со брашно, вода и квасец, но тајната е во преливот од кој лепчињата омекнуваат и добиваат златна боја. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 г брашно, 1 кесичка сув квасец (10 г), 1 супена лажица шеќер, 1 мала лажичка сол, 250 мл млака вода, 3 супени лажици кисела павлака, 1 јајце. За наросување одозгора: сусам и црно семе

ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење ставете 350 г брашно, една кесичка сув квасец, една супена лажица шеќер и една мала лажичка сол. Добро промешајте со лажица за рамномерно да се изедначат состојките.

Потоа постепено додајте 250 мл млака вода (или вода на собна температура). На почетокот мешајте со лажица додека брашното да ја впие сета вода и да се растопат останатите состојки. Ќе добиете меко и малку лепливо тесто (затоа се меша само со лажица).

Тестото покријте го со кујнска крпа или стреч-проѕирна фолија и оставете го да стасува на топло место без провев, додека убаво да ферментира и да го удвои волуменот. За тоа ќе биде потребно еден час.

После еден час: наросете една рака брашно врз стасаното тесто и нежно премесете го за да излезе воздухот од него. Наросете и малку брашно врз работната површина па истресете го тестото.

Веднаш поделете го на шест приближно еднакви делови, а секој дел со помош на малку брашно обликувајте го во топче. Топчињата одложете ги врз рамна површина обложена со хартија за печење (или директно во голем плех), покријте ги и оставете ги да стасуваат половина час.

ЗА ПРЕЛИВ: Во еден помал сад ставете три супени лажици кисела павлака и додајте едно јајце. Добро промешајте додека смесата да се изедначи. Со овој прелив премачкјате ја секоја лепиња со најмалку две мали лажички.

Со раката или дршката на дрвена лажица направете шари и одозгора наросете сусам и црно семе. Ставете да се печат во загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.