Не може да се замисли вкусна пица без кашкавал. Кашкавалот е речиси задолжителна намирница на секоја закуска, а во поновите рецепти многу често се користи за потпекување на солените јадења. Кашкавалот колку што е вкусен, толку е и одговорен за вишокот килогpaми ако се користи во поголеми количини.




Доколку користите помалку калорична замена, постите или едноставно ги одбегнувате млечните производи од здравствени причини, тогаш овој рецепт е совршен за вас. Веројатно досега сте купувале посни кашкавали, а сега истиот производ можете да си приготвите и сами, и тоа од многу евтини состојки.




Главно, веганската или посната замена за сирење се поврзува со „тофу“ сирењето кое се добива од соја, но овојпат ќе ви откриеме рецепт како да направите вкусно и посно сирење-кашкавал од една намирница која речиси сите дома ја имате.




Станува збор за овесните снегулки кои релативно се доста евтини и може да се најдат во речиси секоја продавница. Овој кашкавал може да го јадите како мезе и закуска, особено доколку сте на диета, но може да го употребувате за пици, макарони, салати, па дури и како намаз додека не се стврднал. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се користи чаша од 200 или 250 мл): 1 чаша овесни снегулки, 3 чаши вода, 3 супени лажици пченкарен скроб/нишесте/густин, 2 мали лажички сол или по вкус, 1 лажичка лимонов сок, 4 супени лажици маслиново масло, 2 лажици нутритивен квасец (од него добива баш оригинален вкус на кашкавал, но доколку немате употребете лук во прав, костен или бадем во прав…) и 2 мали лажички зачинска црвена пиперка во прав (или димена, уште подобро).




ПОСТАПКА: Една чаша овесни снегулки потопете си со две чаши вода на собна температура и оставете ги така да отстојат половина час со повремено промешување. Потоа содржината претурете ја во блендер и додајте уште една чаша вода.




Миксајте неколку минути додека целосно да се сомелат овесните зрна. Содржинаа процедете ја низ густа цедалка или газа, а течноста повторно вратете ја во блендерот. Овојпат додајте го скробот/нишестето, лимоновиот сок, сол по вкус, нутритивниот квасец или лук во прав, маслиново масло и димена алева пиперка.




По желба додајте и малку куркума за да добие пожолта боја. Добро изблендирајте па смесата претурете ја во тенџере. Ставете да се загрева на умерена температура со непрекинато мешање за да не се зафати на дното (користете цврста дрвена лажица).




Смесата е потребно да се вари околу 5-6 минути и за сето време мора да се меша. Готово е кога доста ќе згусне. Претурете во соодветен помал сад претходно намастен и оставете најмалку еден час за да се стегне. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.