Секоја жена сака да направи нешто убаво и вкусно за своето семејство. Секој оброк може да се искомбинира со нешто направено од тесто, па затоа ќе споделиме неколку класични рецепти со вас. Доколку сте ги совладале овие пет рецепти, тогаш за вас готвењето навистина претставува шега!

РЕЦЕПТ 1 – ЛЕПИЊИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл вода, 600-700 г брашно, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол, 1/2 коцка квасец – ким, суво, крупна сол за наросување одозгора. ПОСТАПКА: Растворете го квасецот во млака вода, додајте шеќер и брашно и на крај сол. Замесете средно тврдо тесто и добро изработете го додека да стане мазно и еластично.




Покријте го и оставете го на топло за да ферментира и малку да нарасне, а потоа малку премесете го и поделете го на 4 дела кои ќе ги обликувате во топчиња. Секое топче развлечете го со раце во кора со големина на чинија.

Посипете ја тавата со брашно и распоредете ги ги лепчињата. Покријте ги за малку да нараснат, а потоа малку притиснете ги рабовите, па на крај исцртајте им мрежичка со тапата страна од ножот. Одозгора премачкјате ги со белка, наросете ким, малку сусам, крупна сол или нешто по ваш избор, па ставете да се печат во претходно добро загреана рерна на 200 степени околу 15 минути.




РЕЦЕПТ 2 – ГУЖВАНА ГИБАНИЦА – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1/2 кг потенки кори, 200 г сирење, 3 јајца, 100 мл млеко, 200 мл јогурт, 50 мл масло, 2 лажици кисела павлака, 1/2 прашок за печиво. ПОСТАПКА: Изронете го сирењето, додајте јогурт, млеко, павлака, масло, прашок за печиво и изматени јајца. Добро изедначете сè. Убаво подмачкајте плех со димензии 30×20 см.

На дното ставете една кора и добро притиснете за да се обложат и рабовите на плехот. Втората кора раширете ја, изгужвајте ја и попопете ја во филот, па ставете ја на дното. На овој начин редете ги корите една до друга, па повторно уште еден врз нив.




Покријте ги одозгора со кора која ќе ја потпикнете во краевите. Ако ви останало малку од филот испрскајте ја последната кора, полијте малку масло и ставете да се пече во добро загреана рерна на 200 степени околу 1 час или во зависнот од рерната.

РЕЦЕПТ 3 – ДОМАШЕН КРЦКАВ ЛЕБ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 270 мл млака вода, 20 г квасец, малку сол. ПОСТАПКА: Растворете го квасецот во млака вода, додајте брашно и сол и замесете мазно тесто. Оставете го покриено на топло место да ферментира за првпат околу половина час.




Потоа нежно преместете го колку да излезе воздухот од него, па повторно покријте го и оставете го да стасува по вторпат. Посипете ја работната површина со брашно, па истресете го стасаното тесто и обликувајте го во топка. Тестото обилно побрашнете го и оставете го по третпат малку да нарасне.

Вклучете ја рерната на 250 степени и ставете ја празната тепсија во рерна, а уште подобро доколку имате челична тава со капак која ќе создаде ефект на фурна. Кога тестото ќе нарасне извадете ја топлата тава од рерна и нараснатото тесто префрлете го внатре.




Одозгора малку засечете го лебот со една или две-три коси линии, поклопете го со капакот и пикнете го во врелата рерна. По 20 минути лебот ќе нарасне до капакот, па потребно е истиот да се извади и да се допече лебот уште 30 минути на намалена температура од 200 степени. На овој начин ќе добиете прекрасен домашен леб со крцкава коричка.

РЕЦЕПТ 4 – ШТРУДЛА СО ОРЕВИ И МАК/АФИОН – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 коцка квасец (40 г), 3 жолчки, 1 чаша јогурт (200 мл), 1 чаша топло млеко (200 мл), кора од лимон, 50 мл масло, 1 лажичка шеќер, 800 г брашно. За Фил: 200 г мелен афион, 200 г мелени ореви, малку врело млеко за да се попарат оревите и семето, 200 г шеќер.




ПОСТАПКА: Во малку топла вода или млеко растворете една коцка квасец и додајте една лажичка шеќер. Во сад изматете ги жолчките, додајте една лажица шеќер, а потоа и активираниот квасец. Додајте млеко, масло, јогурт (сите на собна температура) и изедначете. Постепено додајте половина од брашното, промешајте со жица или шпатула додека да се впијат течностите, а потоа додајте го и остатокот од брашното.




На крај треба да добиете нешто помеко тесто од она за леб. Покријте го со проѕирна фолија и крпа и оставете на топло место да нарасне. За тоа време сомелете ги афионот и оревите во посебни садови, додајте го шеќерот и попарете ги со малку млеко. Промешајте и оставете да се оладат.

Тестото премесете го и оставете го повторно да нарасне. Кога ќе стаса по втор пат, истресете го на малку набрашнета маса и поделете го на два дела. Развлечете го во кора со облик на правоаголник, Филувајте со оладеното мелено семе од афион, свиткајте ролат и ставете го во плех обложен со хартија.




Постапката повторете ја и со второто тесто кое се филува со ореви. Штрудлите покријте ги и оставете ги да стасаат. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени. По десет минути намалете ја температурата на 180 и ако пребзо зарумени покријте со фолија. Печете точно 50 минути на 180 степени. Извадете ја штрудлата кога ќе се испече, кога ќе се излади исечете ја и сладете се.

РЕЦЕПТ 5 – КИФЛИЧКИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл млеко, 20 г свеж квасец (1/2 коцка), 550-600 г брашно, 1 лажичка шеќер, малку сол, 2 јајца, 30 мл маслиново масло, 60 гр путер, 160 г сирење

ПОСТАПКА: Квасецот растопете го во малку топло млеко, потоа додајте малку шеќер и оставете го на топло место да ферментира. Остатокот од млакото млеко истурете го во сад, додајте го активираниот квасец, 1 јајце на собна температура, масло, брашно, сол и замесете мазно, помеко тесто.




Тестото поделете го на 4 топчиња. Секое топче развлечете го во кружна кора, премачкајте одозгора со омекнат путер, па врз него ставете ја втортата кора, премачкјате и постапката повторете до последната, четврта кора која не се премачкува. Покријте 10 минути, а откако ќе одмори развлечете што е можно потенка кружна кора.

Исечете ја на 12 триаголници. Секој триаголник премачкајте го со путер, ставете го филот со сирење во кој ги ставивте белките и свиткајте ги кифличките. Покријте ги да одморат 15 минути, па премачкајте ги со жолчка и посипете сусам. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35 минути додека да заруменат.