Овој ролат брзо се приготвува, постапката е едноставна, а со вкусот ќе во воодушеви. Сите состојки изматете ги со кујнска маталка, не ви е потребен дури ниту миксер. Потоа излејте ја смесата во плех и испечете ја, а вкусната кора свиткајте ја во ролат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 4 лажици обичен јогурт, 2 лажици брашно, 3 лажици пченкарно брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 3 лажици масло, 2 помали тиквички вкупно 500 г, 1 лажичка сол, ½ лажичка оригано, по желба и ќе ви биде потребен плех со димензии приближно 33х33 см или поголем плех од рерна за потенка кора.




За фил: 200 г неутрално сирење или сирен намаз, малку ситно сечкан свеж магдонос или перца од млад кромид или копар (по желба) и 100 г сувомеснато по ваш избор (шунка исечена на тенки ленти, а може и кашкавал

ПОСТАПКА: Во еден сад изматете четири јајца со жица за матење. Додајте 4 лажици јогурт (или кисело млеко), 2 лажици бело брашно, 3 лажици пченкарно брашно и 1 лажичка прашок за печиво (5 г).




На крај додадете 3 лажици масло и убаво промешајте за да се соединат состојките. Садот тргнете го на страна да одмори, а за тоа време пригответе ги тиквичките. Ако се млади и органски тогаш не мора да ги лупите, во спротивно излупете ги и изрендајте ги. Двете тиквички заедно треба да тежат приближно половина килограм.




Ренданите тиквички додајте ги во смесата со изматените јајца. Измешајте убаво за да се соедини смесата, па зачинете со 1 лажичка сол и малку оригано по желба. Треба да добиете смеса која не е премногу густа, ниту течна.




Плех со димензии од приближно 33х33 см малку намастете го и обложете го со хартија за печење, па во него рамномерно распоредете ја смесата. Може да користите и поголем плех, но тогаш ќе добиете потенка кора.




Ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени, 15 минути. Печената и врела кора префрлете ја врз влажна крпа сосе хартијата, свиткајте ролат и оставете го така 5 минути, додека го приготвите филот.




За фил: Измешајте 200 г неутрално сирење или сирен намаз, додајте малку сечкан свеж магдонос по желба и соединете. Премачкајте ја кората врз цела површина (може да се нанесе филот додека кората е млака), одозгора наредете сечкани ленти шунка или сувомеснато по ваш избор.




Свиткајте го ролатот и можете веднаш да го послужите или да го оставите во фрижидер малку да се стегне (полесно се сече). Ролатот е многу вкусен, одличен за предјадење или закуска.