Време е на слави и раскошни трпези, па одлучивме да ви претставиме некои од омилените колачи кои се неизоставен дел од нашите трпези. Повеќето од овие колачи не треба да се печат!

КОКОС КИФЛИЧКИ – Потребни состојки: 200 г шеќер, 250 г кокосово брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 250 г маргарин/путер, 120 мл млеко, 500 г брашно, 2 жолчки и шеќер во прав

Постапка: Пенасто изматете го путерот заедно со шеќерот, па додавајте едно по едно јајце додека убаво да се соединат. Посебно измешајте брашно, прашок за печиво и кокос, па соединете ги со претходната смеса. Додајте млеко и замесете мазно тесто, свиткајте го во фолија и оставете го околу 30 минути во фрижидер.

од лево кон десно…1.кокос кифлички…

Потоа од тестото правете кифлички и печете ги во плех обложен со хартија во загреана рерна на 200 степени околу 15-тина минути. Испечените кифли прво изладете ги на решетка, а потоа валкајте ги во шеќер во прав.

ПИШИНГЕР – Потребни состојки: 8 јајца, 450 г шеќер, 280 г црно чоколадо, 250 г путер, 1 големо пакување обланди, лешници, малку запечени и смелени

Постапка: Изматете ги добро жолчките со шеќерот, па кремот сварете го на пареа. Кога ќе згусне, додајте го чоколадото и мешајте додека да се растопи. Изладете целосно. Кога кремот е изладен соединете го со претходно изматен путер. Филувајте ги обландите, а одозгора наросете со препечени и сомелени лешници.

ЉУБОВНИ ТОПЧИЊА – Потребни состојки: 100 г мелени бисквити, 150 г мелени лешници, 150 г шеќер во прав, 80 мл газиран сок од портокал, 3 лажички екстракт од јагода, 200 г црно чоколадо, 90 г маргарин/путер и 1 лажица масло

Постапка: Соединете ги мелените бисквити, лешниците и шеќерот. Додајте екстракт од јагода и газиран сок од портокал. Добро промешајте да се добие изедначена црвена смеса.

Оставете ја еден час во фрижидер, а потоа правете мали топчиња, па повторно вратете ги во фрижидер додека го приготвувате чоколадото. Чоколадото и путерот внимателно растопете ги, па додајте лажица масло и убаво соединете.

Во секоја мала корпичка ставете по една лажичка од оваа чоколадна смеса. Преку чоколадото внимателно спуштете по едно црвено топче.

Оставете во фрижидер чоколадото да се стегне, па внимателно извадете ги љубовните бомбици од хартиените корпички.

САЛАМИ – Потребни состојки: 230 г шеќер во прав, 130 г мелени ореви, 1 белка, ½ лажица какао, 1 тврдо варена жолчка, 100 г путер

Постапка: Замесете тесто од белка, шеќер, мелени ореви, какао, па развијте кора помеѓу две проѕирни фолии. Изматете пенасто путер со 100 г шеќер во прав и додајте испасирана варена жолчка. Со овој фил премачкајте ја кората и внимателно свиткајте го ролатот. Оставете на ладно добро да се стегне.

ЧОКО-БОМБИЦИ СО СЛИВИ – Потребни состојки: 200 г шеќер, 200 г сечкани ореви по потреба малку смелени, 200 г суви сливи смелени, 200 г црно чоколадо и 2 лажици масло

Постапка: Сварете сируп од шеќер со малку вода (толку вода колку што е потребно само да се покрие шеќерот). Во сирупот додајте мелени суви сливи, ситно сечкани ореви, 100 г растопено чоколадо и по потреба мелени ореви за да добиете компактна смеса.

Од смесата правете топчиња со иста величина. За чоколадна глазура растопете 100 г чоколадо и масло. Секое топче посебно забодете го на чепкалка за заби и натопете го во чоколадната глазура. Топчињата боцкајте ги на стиропор или редете ги на жица за да се исцедат од вишокот чоколадо и да се стегне глазурата.

РОЗЕН КОЛАЧ СО МАК – Потребни состојки: 1 пакување розен кори
500 г мелен мак, 400 г шеќер, 400 мл млеко (за посна варијанта, оризово, соино или бадемово), 250 г маргарин, 125 г путер (за посна варијанта маргарин), 1 стапче ванила

За фондан: 200 г шеќер во прав, 100 мл врела вода, неколку капки црвен боја за колачи и малку масло. Постапка:

Во 400 мл млеко сварете: сржта на едно стапче ванила (остатокот неколкупати сомелете го со шеќерот во прав за да добиете ванилин шеќер) и шеќерот додека да се растопи, па додајте го макот. Оставете целосно да излади.

Пенасто изматете го путерот и маргаринот, па постопено додавајте во макот. Филувајте го розен корите, а одозгора премачкајте со фондан. Фондан: шеќерот во прав брзо матете го со жица за матење со половина чаша врела вода, па додајте неколку капки црвена боја и малку масло за сјај.

BROWNIE КОЛАЧИ – Потребни состојки: 35 г брашно, ¼ лажичка прашок за печиво
на врв на нож сол, 2 големи јајца, 130 г шеќер, 1 лажица сварено и изладено силно кафе, 30 г путер, 200 г Nestle Ecuador чоколадо и 100 г Nestle Ecuador чоколадо и бадеми

Постапка: Обложете го плехот со хартија за печење. Измешајте брашно, прашок за печиво и сол. Со миксер изматете ги јајцата, додајте шеќер и кафе, па продолжете со матење околу 15 минут додека смесата да згусне.

Во меѓувреме на пареа растопете чоколадо и путер. Промешајте, малку подизладете и додајте ја во смесата со јајца. Потоа додајте го брашното, сечканото чоколадо и бадемите. Ако смесата е ретка, оставете околу 5 минути малку да се стегне.

Ставајте по лажичка од оваа смеса на масна хартија на неколку см растојание, па печете додека малку да нараснат и напукнат, околу 8-9 минути во загреана рерна на 180 степени.