I РЕЦЕПТ – Сончеви коцки со јаболка и гриз, готови за 30 минути. Рецептов е нешто фантастично, толку едноставно а преубаво. Потребни состојки: 16 петит кекси (или други, по ваш вкус), 5-6 јаболка, 2 шолји (од 200 мл) шеќер, 2 шолји гриз, 1 ванилин шеќер, 1 лимон, 1 портокал и 1,5 литар вода.

И уште: по вкус шлаг пена, крем или слатка павлака за шлаг. Постапка: Излупете ги јаболката и исечете ги на коцкички. Прелијте ги со сок од лимон и портокал. Додадете 300 мл вода и ставете на оган да зоврие. Кога јаболката ќе бидат варени, испасирајте ги во пире со рачен миксер.

Не грижете се и ако има некое цело парче. Додадете уште 1,2 литар вода, и додадете шеќер по вкус (приближно 2 шолји) и ванилин шеќер. Ставете на оган, па кога ќе проврие додадете и две шолји гриз со постојано мешање. Кога кремот ќе ја добие потребната густина, тргнете го на страна.

А доколку кремот не добие убава жолта боја (не мора) како сонцето, тогаш додадете малку жолта прехрамбена боја. Потоа кремот прелијте го преку бисквитите кои сме ги наредиле на дното од подлабок плех. Оставете да излади неколку часови, а потоа сечете на коцки и декорирајте со шлаг. / Coolinarika.com

II РЕЦЕПТ – Ледени коцки: Колач кој лесно се приготвува со фил од бело чоколадо, едноставен е, а сите го сакаат. Фотографија и рецепт на Вишња Вишња. Потребни состојки: 6 јајца, 6 лажици шеќер, 6 лажици брашно, 3 лажици какао и ½ прашок за печиво.

За фил: 1 литар млеко, 9 лажици брашно, 5 лажици густин, 9 лажици шеќер, 100 г бело чоколадо, 250 г путер и малку шеќер во прав. За преливање: 300 мл вода и 100 г шеќер. За глазура: 100 г чоколадо, 2 лажици масло, 1 лажица путер и 5 лажици млеко.

Постапка: За тесто: пенасто изматете ги шесте јајца со шест лажици шеќер, а потоа додадете 6 лажици брашно и 3 лажици какао. Промешајте ја смесата да се изедначи и излејте ја во намастен и набрашнет плех со величина од 20х35 см. Доколку сакате да имате потенка кора, тогаш преполовете ја количината.

Печете во загреана рерна на 180 степени и проверете со чепкалка кога е готова. Печената кора оставете ја на страна да излади. За прелив ставете 300 мл вода и 100 г шеќер на оган да зоврие и да се растопи шеќерот. Со врелиот прелив полијте го изладената кора и оставете повторно да излади.

За фил: одземете малку од 1 литар млеко а остатокот заедно со 9 лажици шеќер ставете го на оган. Добро изматете 9 лажици брашно, 5 лажици густин, да нема грутчиња, па кога ќе зоврие млекото тргнете го на страна и додадете ја смесата со постојано мешање додека да згусне.

Додека е топол кремот во него додадете 100 г бело чоколадо искршено на коцки и промешајте додека да се растопи и соедини. Тргнете го на страна да излади. Пенасто изматете 250 г путер со малку шеќер во прав, колку полесно да се размати, па соединете го со изладениот крем.

Измиксајте ги заедно за да се соединат. Кремот нанесете го врз изладената кора, па одозгора прелијте го глазурата (на тивок оган растопете и соединете 100 г чоколадо, 2 лажици масло, 1 лажица путер и 5 лажици млеко). Пред послужување добро изладете го во фрижидер. Пробајте го овој фил со бело чоколадо, многу е убав и вкусен.

III РЕЦЕПТ – БЕЛА ЛАЃА: Ова беа најубавите колачи што ги пробав на слава и веднаш побарав рецепт. Фото и рецепт: Марија. Зошто се нарекуваат Бела лаѓа, не знам, така ги препишав од тефтерот на домаќинката на чија слава бев и кај која ги пробав овие колачиња.

Сите на масата бевме воодушевени и веднаш го побаравме рецептот. Потребни состојки х2: 5 белки, 150 г шеќер, 150 г сечкани ореви, 1 лист обланда. Ова се состојки за една кора, а потребно е да се направат две. За фил: 10 жолчки, 200 г шеќер, 250 г маргарин/путер, 2 ванилин шеќер, малку сечкани ореви за наросување одозгора.

Постапка: Прво оревите кратко испечете ги во рерна, во тепсија обложена со алу-фолија, само колку да се потсушат. Потоа оставете ги да изладат, па исечкајте ги или крупно сомелете ги. Белките изматете ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот.

Матете додека шеќерот целосно да се растопи. На крај со лажица додадете ги оревите и внимателно промешајте, да останат белките воздушести. Со оваа смеса премачкајте го листот обланда одшупливата страна. Ставете да се пече во загреана рерна на 150 степени околу 20-25 минути.

Ова истото треба да се повтори уште еднаш, односно потребни се две вакви кори. За фил: изматете ги жолчките со шеќер и ванилин шеќер. Сварете го филот на пареа, па кога ќе излади соединете го со изматениот путер. Се филува: кора-фил-кора-фил, па одозгора се наросува со сечкани ореви и малку се натапкува со раката. Се изладува и се сече на штангли. / Coolinarika.com

IV РЕЦЕПТ – ДАМСКИ КАПРИЦ – Евтин и брз старински колач кој ќе ве врати во детството. Колачот има неколку нивоа на вкусови, а се приготвува од состојки кои сите ги имаме во кујната. Потребни состојки: 6 жолчки, 6 лажици шеќер, 200 г маст (250 г маргарин или путер), 4 лажици млеко, 1 прашок за печиво, 10 лажици брашно.

Колачот се приготвува во калап со димензии 25х35 см. Потоа, ќе ви бидат потребни и: 5 лажици џем од кајсии, 1 шака сечкани ореви, 6 белки, 18 лажици шеќер и 1 лажица алкохолна киселина (бел оцет) Постапка: Најпрво маста (или путерот) изматете ја со 6 лажици шеќер, 6 лажици жолчки и 4 лажици млеко.

Во друг сад измешајте 10 лажици брашно и еден прашок за печиво. Откако пенасто ќе ја изматите маста со жица или миксер, додадете го брашното измешано со прашокот за печиво и убаво со соединете. Се добива ровко тесто. Рерната загрејте на 180 степени. Калапот со величина 25х35 малку намастете го и обложете го со хартија за печење.

Распоредете го убаво тестото и ставете го да се пече околу 15-тина минути. Додека се пече кората изматете ги белките, најпрво без шеќер, па откако ќе се добие снег, додадете 18 лажици шеќер и продолжете со матење додека да се растопи. Пред крај додадете една лажица лимонов сок или бел оцет и матете додека да добиете цврст снег. Постапката од приготвувањето можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.

V РЕЦЕПТ – Колач со пишкоти и крем кој се топи во уста, за 10 минути е готов. Рецепт и видео презентација на Мои Домашни Рецепти: Кремаст колач кој се топи во уста. Брз колач кој се приготвува многу едноставно: Се натопуваат пишкотите во нескафе, се редат во калап, а врз нив се филува со крем кој се приготвува слично на пудингот.

Колачот е потребно да се излади два часа во фрижидер, а потоа можете да се сладите во неговиот кремаст вкус. Потребни состојки: 1 кесичка нескафе (3 во 1), 300 мл врела вода, 300 г пишкоти, 1 литар млеко, 150 г шеќер, 3 супени лажици густин/нишесте/скроб, 2 супени лажици брашно, 1 жолчка, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 2 супени лажици путер, 60 г шлаг крем од ванила и 1 супена лажица какао.

Постапка: Содржината од кесичката со нескафе истурете ја во еден сад и измешајте ја со 300 мл зовриена вода. Промешајте з ада се раствори кафето и тргнете на страна. Во тенџере ставете 1 литар млеко, 150 г шеќер, 3 супени лажици нишесте, 2 лажици брашно, 1 жолчка и една кесичка ванилин шеќер.

Изматете добро со маталка за да нема грутчиња. Кога смесата ќе се изедначи, тенџерето ставете го на оган и загревајте со постојано мешање додека да згусне (смесата е полутечна). Пред крајот додадете и две полни супени лажици путер, па мешајте додека да се растопат.

Тргнете го садот од оган и додадете ја содржината од кесичката со шлаг крем (60 г). Промешајте за да се растопи. На дното од калапот со средна величина наредете еден ред пишкоти претходно натопувани во нескафето. Врз пишкотите рамномерно распорете половина од филот.

Наредете втор ред пишкоти, исто така кратко натопувани во нескафе. Врз нив излејте го остатокот од филот и рамномерно распоредете и израмнете. Колачот оставете го 2 часа во фрижидер за да се стегне. Одозгора можете да го наросите со какао, вишни, ореви или нешто по желба. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.