Мојот зет ги обожава, а штом тој ги оцени со десетка, значи дека колачиве навистина вредат. Позните се од нашето детство кога често се правеа и тоа во различни вкусови. Најчесто се прават со ореви, но може и со иста количина кокос, бадеми, лешници… Ова се најдобрите 4 рецепти за падобранци, а вие одберете кој ви е најубав:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за 35 колачи): 3 белки, 300 г шеќер во прав, 1 супена лажица лимонов сок, 250 г мелено ореви. ЗА ФИЛ: 3 жолчки, 2 лажици шеќер, 2 лажици брашно, 70 мл ладно млеко, 70 г путер/маргарин, 2 лажици шеќер во прав

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 белки, 300 г шеќер, 400 г мелени ореви, 100 г мелени бисквити, малку лимонов сок. Фил по сопствен избор.

рецепт 3

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 белки, 300 г шеќер во прав, 150 г мелени ореви, 150 г плазма бисквити. ЗА ФИЛ: 3 жолчки, 1 ред чоколадо, 50 г шеќер во прав, 100 г путер, 1 лажица шеќер во прав

рецепт 4

РЕЦЕПТ 4 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 белки, 300 г шеќер во прав, 250 г кокосово брашно/снегулки. ЗА ФИЛ: 5 жолчки, 5 супени лажици шеќер кристал, 100 г чоколадо за готвење, 160 г путер или маргарин.




ПОСТАПКА за рецепт 1: пенасто изматете ги белките, а пото постепено додавајте го шеќерот во прав, лажица по лажица. Матете н епрекинато додека да добиете цврст снег, па дури потоа додајте малку лимонов сок, па уште малку изматете.

Во цврстиот снег од белки додајте ги мелените ореви, а овојпат промешајте со лажица или шпатула, со бавни движења, додека целата смеса да се изедначи. Големиот плех од рерна обложете го со хартија за печење.




Со мала лажичка вадете од смесата и со помош на друга лажичка (или подбутнувајте со прстот), редете ги целувките врз обложениот плех и малку обликувајте. Од оваа количина ќе добиете три полни плеха. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 150 степени, половина час.




Печените целувки треба да останат бели. Оставете ги да се оладат додека го приготвувате филот. Жолчките пенасто изматете ги со шеќерот, 2-3 минути или додека да згуснат и побелат, па додајте го брашното. Мешајте уште кратко време за да се изедначи смесата.




Потоа додајте 70 мл млеко, изматете, па смесата претурете ја во тенџере на умерен оган и варете со непрекинато мешање додека да згусне. Тргнете го настрана и оставете целосно да се олади.

Пенасто изматете го путерот со лажица шеќер во прав, па соединете го со оладениот фил од жолчки. Лепете ги со филот и оставете ги да отстојат најмалку еден ден пред послужувањето. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Како и кај првиот рецепт, изматете ги цврсто белките со постепено додавање на шеќер. Потоа додајте и малку лимонов сок, а на крај внимателно додајте ги мелените ореви и мелените бисквити.

Смесата ставете ја во шприц и правете пуслици на плех обложен со хартија за печење. Оставајте доволно растојание помеѓу нив. Печете ги во претходно загреана рерна на 120 степени околу 20-30 минути. Внимавајте пуслиците да останат со светла боја и само малку да заруменат на краевите.

Извадете ги од рерната, почекајте уште некоја минута да изладат во плехот, па потоа префрлете ги во чинија. Пуслиците може да ги спојувате со крем од жолчки изматен на пареа, со фондан, со ганаш крем, со растопено чоколадо и сл. Постапката за третиот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 3: Белките изматете ги во цврст снег. Потоа лажица по лажица додајте 300 г шеќер во прав. Миксерот тргнете го настрана, па со шпатула промешајте 150 г мелени ореви и 150 г мелени бисквити.

Со лажичка вадете ги падобранците и редете ги во плех обложен со хартија. Печете ги во загреана рерна, односно, сушете ги во рерна со вентилатор на 80 степени, а без вентилатор на 100 степени (или прилагодете го печењето според вашата рерна, исто како за целувки).

За фил: изматете 3 жолчки со 50 г шеќер во прав, па варете ги на пареа додека да згуснат, па додајте еден ред чоколадо околу 20 г и мешајте да се растопи и згусне. Кога кремот ќе излади, во него додајте 100 г изматен путер со лажица шеќер во прав. Кога падобранците ќе бидат изладени, спојувајте ги две по две со приготвениот фил. И преостана последниот рецепт, за кокосовите падобранци:




ПОСТАПКА за рецепт 4: Белките изматете ги во цврст снег со постепено додавање на шеќерот. Потоа додајте го кокосот и промешајте со лажица. Вадете од смесата со лажичка и редете ги целувките врз плех обложен со хартија. печете ги во загреана рерна на 160 степени, 15-20 минути.

ЗА ФИЛ: Пенасто изматете пет жолчки со пет лажици шеќер додека да добиете густ крем. Кремастата смеса претурете ја во помало тенџере, па ставете на рингла и гответе на многу тивок оган (или на пареа) со непрекинато мешање, додека да згусне и да добие жолта боја.

Додајте 100 г растопено чоколадо и продолжете со мешање додека да се изедначи со кремот од жолчки. Тргнете настрана да се олади. Во посебен сад оставете 160 г путер да омекне на собна температура и додајте 2 супени лажици шеќер во прав. Пенасто изматете и во него започнете да го додавате оладениот крем, лажица по лажица.

Путерот и кремот мора да бидат на иста собна температура кога ќе се соединуваат. Лепете по две целувки со по една лажичка крем, како сендвич, а падобранците оставете ги да се залепат и стврднат до послужувањето.