Освежителен летен колач кој се топи во уста.

Потребни состојки: 300 г бисквити, 1 кг праски, излупени и без семки, 2 пудинг од ванила, 500 мл вода, 7 лажици шеќер, 250 мл слатка павлака за шлаг и 300 мл маскарпоне или некое друго слично, несолено свежо сирење

Постапка: Праските излупете ги и исчистете ги од семки (јас ги вагав вака исчистени да бидат 1 кг), па исечкајте ги на помали парчиња. Ставете ги во сад заедно со шеќерот и 400 мл вода. Оставете да проврие и со повремено мешање варете ги 5 минути.

Ако праските се веќе меки и ситно исечкани, можеби ќе биде потребно помалку од тие 5 минути за да се распаднат и да станат кашести.

Во разварените праски додадете го пудингот разматен во преостанатите 100 мл вода и добро промешајте. Варете 4-5 минути додека кремот да згусне.

Во плех за печење намастен со путер, наредете на дното ред бисквити, па веднаш прелијте ги со половина од врелиот крем со праски, потоа преку кремот наредете втор ред бисквити и преку нив прелијте го остатокот од кремот.

По желба можете врз кремот да наредите и свежи парчиња праска или парчиња од компот

Израмнете и оставете колачот да излади. За тоа време изматете цврск шлаг. По потреба додадете неколку лажици шеќер во прав ако сметате дека шлагот не е доволно сладок. Потоа додадете маскарпоне па сето убаво соединете во мазен крем.

Со белиот крем премачкајте го изладениот колач, оставете заедно добро да излади неколку часа во фрижидер, па сечете на коцки со величина по желба.