I РЕЦЕПТ – Измати и излеј варијанта – Брз колач со јаболка и гриз. Овој брз, старински колач со исклучително добар вкус, можете да го приготвите со состојки кои главно ги имате дома. Наместо сечкани ореви може да ставите суво грозје или нешто слично што ви се наоѓа при рака.

Може да го наросите одозгора со ореви или кокос, но и рендано чоколадо одлично се сложува со вкусовите. Рецепт и видео презентација на “Да Готвиме Лесно” – Брз колач со јаболка, мерки на чаша.

Потребни состојки: 2 јајца, 1 чаша (од 200 мл) шеќер, 1 чаша гриз, 1 чаша мелени ореви, 1 чаша млеко, ½ чаша масло, 2 јаболка со средна величина (исчистени, изрендани), 2 лажици брашно, 1 прашок за печиво, ½ чаша сечкани ореви (суво грозје или др) и 5-6 лсжици џем за премачкување на печениот колач.

Постапка: Двете јајца со една чаша шеќер изматете ги со жица за матење. Убаво изматете додека да побелат, па потоа додадете една чаша гриз. Промешајте, па додадете една чаша мелени ореви. Промешајте па додадете една чаша млеко и половина чаша масло.

Убаво соединете, па додадете претходно исчистени и крупно изрендани јаболка со средна величина. Додадете и две лажици брашно и еден прашок за печиво. Убаво соединете ја смесата. На крај додадете по желба половина чаша ореви или суво грозје (тоа е приближно 80-100 г).

Добиената смеса излејте ја во плех (22х32 см) претходно намастен и набрашнет и печете во загреана рерна на 200 степени, околу 35-40 минути или додека да се одвои од ѕидовите на плехот. Проверете со чепкалка.

Печениот колач премачкајте го со 5-6 лажици џем. Одозгора наросете мелени ореви, кокос, чоколадо или нешто по ваш вкус. Изладете и сечете на коцки или штангли. Деталите околу приготвувањето погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Колач со јаболка и ореви, многу брзо и едноставно се приготвува, сочен, се топи во уста – оди сè по 1 чаша. Ова е многу едноставен и фин колач, залиен со малку сируп, а направен со многу љубов за татко ми. Тој не сака торти, ниту колачи со филови, туку токму вакви, залиени со сируп колачи…

Потребни состојки: 6 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша брашно, 1 чаша гриз, 1 чаша масло, 1 чаша рендани јаболка, 1 чаша мелени ореви, 1 прашок за печиво. За сируп: 1,5 чаша вода, 2 чаши шеќер. Постапка: Јајцата не треба да ги делите на белки и жолчки.

Само изматете ги со шеќерот додека да добиете пенаста смеса. Потоа додадете масло и продолжете да матите. Брашното, прашокот за печиво и гризот измешајте ги заедно, па додадете ги во смесата од јајца и повторно малку изматете. Додадете ги оревите, малку изматете и на крај додадете ги ренданите јаболка.

Убаво промешајте да се изедначи смесата. Тепсија со димензии 37х23 см (или приближно) намастете и набрашнете, па излијте ја во неа приготвената смеса. Печете го колачот во загреана рерна на 190 степени околу 35 минути. Сварете го сирупот и изладете го.

Сирупот може да го направите пред да го ставите колачот на печење. Кога колачот ќе се испече, оставете го неколку минути и потоа полијте го со изладениот сируп. Напомена: овој колач не е сочен како баклава, туку само влажен, а кој сака да му биде повеќе сочен колачот, нека свари повеќе сируп. Моите шолји беа од 200 мл, но можете да користите шолји и од 250 или 300 мл, само мерете ги сите состојка во иста шолја.

III РЕЦЕПТ – Колач со јаболка: Според мене, ова е најдобриот измислен рецепт некогаш! Брзо, лесно и многу вкусно. Може да прочитате два рецепти кои се многу слични, но малку се разликуваат во односите. Резултатот е речиси идентичен. Одберете кој повеќе ви одговара.

РЕЦЕПТ А – За мерење се користи чаша од 200 мл. Потребни состојки: 2 чаши брашно, 2 чаши пченичен гриз, 1 чаша шеќер и 1 прашок за печиво. За овошен дел: 1-1,5 кг јаболка, 2 ванилин шеќер, цимет по вкус, 1 чаша шеќер, ¾ чаши масло. Постапка:

Просејте го брашното заедно со прашок за печиво, додадете гриз и шеќер. Јаболката излупете ги и изрендајте ги, измешајте ги со шеќер, додадете ванила, цимет и масло. Промешајте добро. Рерната загрејте ја на 180 степени. Плех со димензии приближно 20х30 см обложете го со хартија за печење.

Сувата смеса поделете ја на три делови, а јаболката на два дела. Во плехот прво нанесете еден дел сува смеса, израмнете да биде насекаде еднаков слојот, па потоа наесете еден дел од јаболката, па повторно суви состојки, па повторно јаболка и на крај завршете со суви состојки.

Ако ви останало малку сок од јаболката, полијте го полека одозгора и ставете го во рерна да се пече околу 40 минути. Кога колачот ќе се испече, оставете го малку да излади, па потоа сечете го и послужете го со чај или кафе.

РЕЦЕПТ Б – Потребни состојки: 1 чаша гриз, 1 чаша брашно, 1 чаша шеќер, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, јаболка по потреба и желба, цимет по желба и путер-маргарин по потреба за рендање одозгора. Постапка:

Приложените количини овде се исклучиво информативни, инаку, величината на чаша не игра голема улога, секако ќе добиете добар колач, само внимавајте односот на намирниците да е добро распореден (1:1:1). Јас користам голема чаша од 300 мл.

Во подлабок сад ставете 1 чаша од 300 мл брашно, истата чаша – гриз, па на крај шеќер. Додадете еден прашок за печиво и ванилин шеќер. Сите овие состојки измешајте ги. Дното на калапот намастете го и набрашнете го за да не се залепи колачот.

Преку сето тоа со раце истурајте од сувата смеса (гриз, шеќер, брашно). Слојот од суви состојки не треба да биде дебел, туку доволен колку да се покрие и да не се гледа дното. Преку сувата смеса наросете обилно рендани јаболка со малку мелен цимет.

Преку јаболката повторно наросете сува смеса додека целосно да се покрие. Постапката повторувајте ја додека имате материјал. На крај врз колачот изрендајте путер-маргарин па ставете да се пече во рерна на 200 степени околу 40 минути или додека да добие убава златна боја.

IV РЕЦЕПТ – Измати и излеј варијанта на колач со јаболка и ореви – се топи во уста, рецептот е прелесен, мерка на шолја. За почеток подгответе си шолја од 200 мл или малку поголема ако сакате (со една иста шолја се мерат сите состојки).

Јас применив еден совет за мафини кога го приготвив овој колач и ми се чини дека има ефект, а тоа е: сувите состојки да ги измешаме одвоено и сите влажни состојки одвоено. На крај сите се соединуваат, така што влажните се истураат во сувите, полека се меша, не предолго (за да не се “изџвака” премногу), за да може колачот да биде што полесен и пуфкаст.

Суви состојки: 1 шолја гриз, 1 шолја мелени ореви, 4 лажици брашно, 1 шолја шеќер, 1 прашок за печиво, 4-5 кесички ванилин шеќер. Влажни состојки: 2 јајца, 1 шолја млеко, 1 шолја масло, 4 рендани јаболка. За глазура: 100 г чоколадо за готвење, 3 лажици масло.

Постапка: Мал совет за јаболката кои сум го добила од поискусни домаќинки: не мора да се рендаат, туку да се сомелат во мултисечко, измиени, со извадени семки, а нелупени (ако не се прскани) – побрзо е, а ништо не пречи. Значи, прво ги мешаме сувите состојки.

Па потоа, полека во нив, пред да го печеме колачот ги додаваме влажните, нежно промешуваме и излеваме во намастен и набрашнет плех или калап (за повисок колач се користи помал калап, за понизок – поголем). Се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час.

Печениот колач се испробува со чепкалка – да не се лепи. За глазура: Чоколадото со маслото растопете го на пареа, а потоа рамномерно прелијте го врз колачот. Исечете го на коцки. Колачот се јаде и топол и ладен. Ако преживее да се олади, повкусен е таков./Coolinarika.com

V РЕЦЕПТ – Толку сочен што се топи во уста – Гриз колач со јаболка и ореви, прелиен со свиленкаст чоколаден прелив. Рецепт и видео прилог на CooKing рецепти – Сочен гриз колач со јаболка и ореви, прелиен со прекрасен чоколаден прелив.

Се мери со шолја од 250 мл. Потребни состојки: 2 јајца, ½ – 1 шолја (од 250 мл) шеќер, по вкус, 1 шолја (околу 240 г) гриз, 5 г прашок за печиво или сода бикарбона, 3-4 јаболка (околу 650 г), 1 шолја крупно мелени ореви (околу 150 г), 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 1 лажичка цимет, 4 лажички какао (7-10 г), ½ шолја масло (125 мл), 1 шолја (250 мл) јогурт.

За прелив: 1 шолја (250 мл) млеко, 100 г чоколадо, ½ шолја шеќер, може и помалку, 50 г путер или маргарин, 3 лажички какао. Постапка: Оревите сомелете ги и помешајте ги со една шолја гриз. Во сувата мешавина додадете 1 лажичка прашок за печиво и 4 лажички какао во прав.

Промешајте. Пенасто изматете две јајца со половина или цела шолја шеќер (по ваш вкус), додека да згуснат и побелат. Додека матите со миксерот додадете половина шолја масло, па една шолја јогурт и на крај намалете ја брзоната и додадете ги сувите состојки.

Изедначете. Јаболката излупете ги, изрендајте ги, додадете една лажичка цимет и една кесичка ванилин шеќер. Јаболката додадете ги во изматената смеса и промешајте за да се соединат. Калап со средна величина намастете го и набрашнете го, па во него излејте ја приготвената смеса.

Ставете да се пече во загрена рерна на 200 степени околу 40 минути. Проверете со чепкалка. За прелив: Во тенџере ставете 250 мл млеко, 100 г чоколадо, 50 г путер, 3 лажички какао и половина шеќер или по вкус. Откако ќе проврие варете уште една минута на тивок оган со постојано мешање.

Потоа оставете ја глазурата 2-3 минути да подизлади. Бисквитот избоцкајте го на повеќе места и додека е врел прелијте го со топлиот чоколаден прелив. Почекајте 5 минути па исечете го на коцки. Оставете да излади, па послужете го. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

VI РЕЦЕПТ – Наједноставен колач со јаболка и гриз – мек и многу вкусен. Ова е толку едноставен и брз колач, а мек и многу вкусен. Потребни состојки: 1 шолја гриз, 1 шолја брашно, 1 шолја масло, 1 шолја шеќер, ½ шолја млеко, 1 јајце, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, ½ цимет, 2 рендани јаболка.

За прелив: 4 лажици шеќер, 4 лажици млеко, 4 лажици масло, 100 г чоколадо за готвење. Се мери со една иста шолја = шолја за бело кафе, таква јас користев, околу 200 мл, а вие која шолја ќе ја користите, истата користете ја за сите состојки. Постапка:

Изматете едно јајце со шеќер, па додадете гриз, брашно, прашок за печиво, ванилин шеќер, млеко, јаболка и ½ кесичка цимет. Сите состојки добро промешајте ги, а добиената смеса излејте ја во намастен олех со средна величина или калап по ваш ибор (помал за повисок колач, поголем за понизок).

Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени додека колачот да зарумени (проверете со чепкалка), па кога е печен извадете го од рерна и додека е врел прелијте со глазурата. Глазура: 4 лажици масло, 4 лажици шеќер, 4 лажици млеко и 100 г чоколадо растопете ги и соединете ги на тивок оган или на пареа. Колачот оставете го да излади прво на собна температура, а потоа и во фрижидер, па сечете го и послужете го.

VII РЕЦЕПТ – Сочен колач со јаболка и мелен рогач кој брзо се прави, а вкусот е неверојатен. Мерки на шолја. Убаво се приготвува и со покрупно мелен рогач, но од искуство ви велам дека најубаво излегува кога е фино мелен. Ќе ви бидат потребни следните состојки:

4 јајца, ½ шолја шеќер (100 г), ½ шолја млеко (100 мл), ½ шолја масло (100 мл), 1 шолја брашно (130 г), 2/3 шолја мелен рогач (100 г) – просејте го да нема грутчиња, 2 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 3 големи јаболка. За глазура (кој сака може да стави, но не мора):

150 г чоколадо за готвење, 6 лажици масло. Постапка: Вклучете ја рерната на 180 степени. Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилин шеќерот. Додадете млеко, масло, брашно, прашок за печиво и рогач, па изматете со миксер. Изрендајте (не ги сечкајте, ИЗРЕНДАЈТЕ ги, зошто нема да биде така сочен колачот) во смесата 3 јаболка.

Измешајте ја смесата со лажица и излејте ја во тепсија со димензии 20х30 см. Јас имам тепсија што не лепи, па не ја мачкам со ништо. Доколку би ја немала, би печела во тепсија обложена со хартија. Се пече 30 минути на 180 степени. Врз изладениот колач може да се прелие чоколадна глазура. На пареа се растопува чоколадото за готвење и се додава 6 лажици масло. Кога малку ќе излади се прелива врз колачот.

VIII РЕЦЕПТ – Посен колач кој е многу сочен и вкусен, со јаболка и гриз, брз и лесен. Рецепт и видео презентација на CooKing – Најсочниот посен колач. Многу вкусен, сочен и неодолив колач со јаболка и гриз. Не е “тежок”, напротив, многу е лесен за јадење, се топи во уста и мириса преубаво.

Се мери со шолја од 200 мл. Потребни состојки: 3 шолји рендани јаболка, 1 шолја гриз, ½ шолја шеќер (а може и помалку ако се благи јаболката, по вкус), 10 г ванилин шеќер (една кесичка), ½ шолја масло, ½ шолја вода, 1 лажичка прашок за печиво или сода бикарбона, цимет во прав.

За глазура ќе ви бидат потребни следниве состојки: 100 г посно чоколадо, 3 лажици масло, лебни трошки за наросување во тепсијата или брашно. Постапка: јаболката убаво измијте ги, излупете ги, а потоа изрендајте ги. Во подлабок сад ставете една шолја гриз, три шолји рендани јаболка, половина шолја шеќер, една кесичка ванилин шеќер, една лажичка прашок за печиво или сода бикарбона и цимет по вкус.

Уште додадете половина шолја вода и половина шолја масло. Состојките убаво измиксајте ги со миксер додека да се изедначат во убава речиси мазна смеса. Калап со пречник од 24 см намастете го со малку масло и наросете го со лебни трошки или брашно.

Потоа рамномерно распоредете ја приготвената смеса и убаво израмнете одозгора. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. Проверете со чепкалка дали е готов колачот. Печениот колач оставете го малку да подизлади додека ја приготвувате глазурата.

За да ја приготвите глазурата ќе ви биде потребно 100 г посно чоколадо за готвење искршено на коцки и три лажици масло. Садот со чоколадото можете да го згреете во микробранова печка или на рингла на тивок оган, но најдобро е да го растопите на пареа.

Садот ставете го врз тенџере во кое врие вода, па мешајте додека чоколадото целосно да се растопи и соедини со маслото во сјајба течна глазура. Излејте ја рамномерно врз колачот и оставете да се стегне. Потоа сечете и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

IX РЕЦЕПТ – БРЗ КОЛАЧ СО ЈАБОЛКА И ОРЕВИ: ако сте за нешто брзо, фино и слатко. Ова е рецепт “на чаша” – за повеќето намирници количината ја одредувате “мерејќи” со чаша со 200 мл. Потребни состојки: 3 јајца, ½ чаша шеќер, 1 чаша пченичен гриз, ½ чаша масло, ½ чаша млеко, 1 прашок за печиво, 4 рендани јаболка, 1 чаша мелени ореви или лешници.

За глазура: 100 г чоколадо за готвење, 3 лажици масло. Постапка: Се матат јајцата со шеќерот додека да станат пенасти. Потоа постепено се додаваат останатите состојки. На крај со лажица со домешуваат мелените ореви и ренданите јаболка.

Се пече во намастен и набрашнет плех на 180 степени околу 25-30 минути. Печениот колач се прелива со чоколадна глазура, а потоа се остава глазурата да се стегне и излади. Колачот може да се послужи и топол.

X РЕЦЕПТ – Брз колач со ореви, јаболка и чоколадо – се меша со лажица и се пече. Ова е уште еден брз и вкусен колач за сите оние кои немаат многу време за приготвување на слатки, а сепак сакаат нешто домашно и вкусно. Направете го еднаш колачот, па ќе видите колку често ќе ви бараат повторно да им го направите.

Потребни состојки: 2 чаши мелени ореви, 2 чаши рендани јаболка, 2 чаши шеќер, 200 г гриз, ½ чаша масло, 1 чаша млеко, 1 прашок за печиво. За прелив: 100 г чоколадо, 2-3 лажици масло. Постапка: Во подлабок сад сите состојки за тестото измешајте ги и матете со лажица додека да добиете хомогена смеса без грутчиња.

Добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет плех, па печете во загреана рерна на 200 степени околу 30 минути. Печениот колач оставете го малку да излади, па кога ќе биде млак прелијте со чоколадна глазура. Се користи јогуртна чаша или чаша од 200 мл. Колачот е малку ронлив, ама е превкусен, феноменален е.