Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти – Зимски колач со јаболка и ореви.

Колачот многу лесно се приготвува, па навистина би било штета доколку не го пробате. Сите состојки се матат, се изева во калап и се пече, а потоа се ужива во вкусот.

Потребни состојки: 4 јајца, 150 г шеќер, 200 мл кисело млеко, 100 мл масло, 150 г мелени ореви, цимет, 250 г брашно, 12 г прашок за печиво (1 кесичка), 2 јаболка, шеќер во прав за наросување.

Колачот се приготвува во калап 26 см и се пече 40 во загреана рерна на 200 степени.


Постапка:

Во длабок сад скршете четири јајца кои претходно отстојале малку на собна температура, па додадете 150 г шеќер и пенасто изматете ги со електричен миксер.

Матете ги околу 5 минути, додека шеќерот целосно да се растопи, а смесата да згусне и да осветли.


Во густо изматените јајца додадете 200 мл кисело млеко или густ јогурт, 100 мл масло за готвење, 150 г мелени ореви, малку цимет околу една мала кафена лажичка или по вкус, 250 г брашно и 12 г прашок за печиво (една кесичка).

Промешајте со жица-маталка.


Мешајте ги состојките додека тие да се изедначат и да добиете мазна, хомогена смеса без грутчиња.

Измијте и излупете две јаболка, па исечете ги на коцкички (отстранете ги семките), па додадете ги во смесата. Промешајте уште малку за да се распоредат рамномерно.


Калап со 26 см пречник на обрачот, обложете го со хартија на дното, а страните намастете ги со путер и наросете ги со брашно.

Приготвената смеса излејте ја во калапот и израмнете ја површината. Малку протресете го, за да излезат евентуалните воздушни меурчиња.


Одозгора наросете една рака ситно сечкани ореви и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 или 200 степени и печете околу 40 минути.

Печењето прилагодете го според вашата рерна, а колачот е готов кога ќе го боцнете со дрвено стапче, а тоа ќе излезе суво.

Извадете го од рерна и оставете малку да подизлади. отстранете го обрачот, превртете го колачот за да ја отстрените хартијата, па откако ќе го поставите на чинија за сервирање, одозгора наросете го со шеќер во прав.

Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ -ЗИМСКИ КОЛАЧ фин и мирисен колач со суво овошје

Потребни состојки: 3 јајца, 3/4 шолја шеќер (шолја од 250 мл), 3/4 шолја масло, 7 лажици грчки јогурт (може и обичен цврст), 350 г суво овошје (брусница, кајсии и сливи), 1 прстофат сол, 1/2 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 2 шолји брашно

Постапка: Изматете ги јајцата и додадете шеќер. Потоа матете додека да побели смесата, па додадете масло. Додадете уште и јогурт, изматете па ставете ги ванилин шеќерот и брашното во кое сме ставиле прашок за печиво и прстофат сол.

На крајот во смесата го додаваме сувото овошје, излеваме во долгнавест калап и ја израмнуваме смесата. Се пече во претходно загреана рерна на 170 степени, околу 50 минути. Се проверува со чепкалка дали колачот е печен. / coolinarika.com