„Денес ќе правам една многу позната пита, која често се прави и во Македонија, Србија и други региони. Во Косово ја нарекуваат, „косовска рамна пита,“ а во Македонија се нарекува „зелник.“ Во секој случај, вкусот е неодолив и се подготвува уште од многу одамна,“ вели Валентина во својата презентација.




Покрцкава и повкусна пита не сте пробале. Зелникот засекогаш ќе остане број еден пита која ја подготвуваа нашите баби, мајки, а сега и новите домаќинки. Питата може да ја направите само со спанаќ, сирење, а може да додадете и праз, значи може да го менувате филот. За тестото ви се потребни само три состојки. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500-550 г брашно, 1 лажичка сол, 300 мл вода. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ НА КОРИТЕ: 200 г путер, 100 мл масло. Може да користите и домашна свинска маст. ЗА ФИЛОТ: 400 г спанаќ, 300 г млад и свеж кромид, 300-400 г сирење.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го брашното, прво ставете 500 г, а по потреба при замесување на тестото, ќе додадете доколку е потребно уште 50 г или помалку/повеќе. Во брашното измешајте 1 лажичка сол, па прелијте со обична вода на собна температура. Замесете тесто кое треба да биде малку помеко, а не со средна цврстина.




Замесете го тестото со рака, па кога ќе се соедини, набрашнете ја малку работната површина и домесете го уште малку, за во тестото да нема грутчиња. Јас го месев сосем кратко. Мекото тесто поделете го на 3 еднакви делови, одоко, јас не ги мерев.  На еден рамен овал, набрашнете сосем малку, обликувајте ги сите три парчиња од тестото во топчиња и оставете ги тестата да отстојат околу 10-15 минути, покриени под крпа.




Во меѓувреме подгответе го филот. Јас оваа пита ја подготвам со спанаќ и млад кромид. Перцињата млад кромид се сечкаат на ситни листови, а исто така се сече и спанаќот. Соединете го зеленчукот во еден сад, па посолете со една лажичка сол и измешајте со рака. Сирењето издробете го во зеленчукот.




Некогаш оваа пита се правеше без сирење, но јас за вкус го додавам, многу е повкусна. Соединете и тргнете го филот настрана, додека ги работите корите. Земете едно од тестата и со оклагија развлечете во колку што можете подолга кора. По потреба додавајте брашно, за тестото да не ви лепи.




Растопете 200 г путер и измешајте 100-150 мл масло. Питата може да ја премачкувате и со домашна свинска маст. Премачкајте ја развлечената кора обилно со маста и подеднакво распоредете со четкичка. Премачканата кора поделете ја на кракови, така што на средината сите делови ќе останат споени.




Сечењето оди од средина кон нанадвор, на поголеми листови (како на сликата). Потоа секој триаголен дел виткајте го кон средината каде што е средишниот дел каде се соединуваат сите теста. Се поклопува од една страна, па потоа од нејзината спротивна и така сѐ до крај додека да ги соедините сите кори.

Склопеното тесто набрашнете го малку и на истиот начин подгответе ги и останатите две теста. На еден плех со димензии 35х40 см, премачкајте со малку масло, па земете една од корите и со оклагија развлечете ја кората со величина на тепсијата. Развлечената кора префрлете ја на плехот, а одозгора намастете и филувајте со половина од филот.




Одозгора ставете ја и втората кора, која треба да биде малку поголема од првата, премачкајте ја со масло и излејте ја втората половина од филот. На крајот се става третата кора, која ја „затвора“ питата. Краевите пикнете ги навнатре кон плехот, како да местите постелнина. Со нож благо исечете го горниот дел на питата, во дијагонала од двете страни.

Питата се премачкува со маслото и путерот, особено посветете внимание на краевите. Зелникот се пече во претходно загреана рерна на 210/220 степени, 20-25 минути, во зависност од рерната. По печењето, оставете питата да се олади, па послужете ја со шолја јогурт. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.