ЗДРАВ СОК ОД ЈАБОЛКА без конзерванси по брза постапка, од оваа количина се добиваат 6 литри сок. Рецепт на Анџелка Маравиќ. Многу вкусен сок од јаболка, од 1 кг јаболка, добивате 6 литри сок.
Потребни состојки: 1 кг јаболка, 30 г лимонтус, 300 г шеќер, 6 литри вода. Постапка: Најдобро е да користите органски јаболка кои не мора да ги лупите. Важно е да бидат добро измиени, а потоа да ги исечкате на помали коцки.
Јаболката ставете ги во тенџере на средна температура и оставете да се готват додека да се направи каша од јаболка. Во тенџерето додајте го лимонтусот и шеќерот и се измешајте. Најздраво е да користите шеќер од шеќерна трска.
Потоа кашата префрлете ја во поголемо тенџере и во него додајте 6 литри вода. Малку промешајте, поклопете и оставете сокот да отстои 24 часа на собна температура. Наредниот ден процедете го сокот низ газа.
Доколку сакате сокот да е поредок процедете го на двапати, а потоа складирајте го во чисти, стерилизирани шишиња. Затворете со целофан, па со соодветниот капак и чувајте на темно и суво место. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и следниот рецепт – сок од јаболка и моркови:
II рецепт. Густ сок од јаболка и моркови (џус) – без конзерванси, од 6 кг добивате 20 литри сок. Ова е основната верзија за сокот кој веќе со години го приготвувам. Овошјето го менувам во зависност од сезоната. Може да се комбинира со кајсии, праски, круши, дуњи…
Секој од овие сокови е вкусен, а по вкус и изглед потсетуваат на скапите фруктал-сокови. Сепак овие се домашно приготвени сокови и точно знаете што и колку содржат, колку шеќер сте ставиле и нормално, без конзерванс. Уште ако имате свое домашно, непрскано овошје – полн погодок!
Потребни состојки: околу 5 кг исчистени и излупени јаболка (или овошје според сезоната или комбинација по вкус), 0,5-1 кг моркови (морков ставам само кога приготвувам сок од јаболка, круши, дуњи, поради бојата), 1,5 кг шеќер (може интегрален или ксилотол), лимонска киселина, вода.
Постапка: Овошјето исчистете го и ставете го да се готви. Вода ставете колку да се прекрие овошјето. Истото направете го и со морковот. Морковот го варам посебно бидејќи му е потребно подолго време за да се свари.
Свареното овошје оставете го да излади, а може да додадете и ладна вода за да го скратите процесот. Кога доволно ќе излади ставете го во блендер или соковник, па добро изблендирајте.
Измерете колку сте добиле течност (овошје и вода во која се готвеше), па додајте уште вода за да добиете приближно 19-20 литри сок. Додајте 1,5 кг шеќер и околу 80 г лимонска киселина. Мешајте и пробајте дали ви одговара вкусот, бидејќи секое овошје не е еднакво слатко/кисело.
Ставете на оган да зоврие еден клуч, а пената не мора да ја собирате. Во меѓувреме измијте ги шишињата, стерилизирајте ги во врела рерна и пригответе чепови/затворачи.
Врелиот сок собирајте го во врели шишиња, затворајте ги и оставете ги затоплени додека да се оладат. Таквиот сок иако нема многу шеќер и конзерванси, може да се сочува со месеци без расипување.