Рецепт за потпечени тестенини со тиквички и сирење. Супер едноставно и толку убаво јадење кое е одлично за летниот период. Ќе бидете воодушевени од едноставноста, брзината на подготовка, но најмногу од вкусот на оваа печена паста со сирење и тиквички. Ќе го подготвувате неколку пати во седмицата.

Ова е одличен ручек за кој не ви е потребно многу време во кујната. Кога немате време за долго готвење, направете го ова лесно јадење на кое сите ќе му се воодушевуваат. Сосот од тиквички и уште неколку состојки, излегува кремаст и сочен, како од некој скап ресторан. Ова јадење е економично, а оној кој сака може да го проба и со месо. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г тестенини макарони (вртени макарони или какви и да имате), 10 г сол (за готвење на тестенините), 3 големи лажици масло, 1 тиквичка, 500 г свежо кравјо сирење или какво и да имате, 1 павлака, 3 јајца, малку путер за да се премачка плехот.

ПОСТАПКА: Подгответе си едно цело пакетче тестенини. За овој рецепт според мене најдобро одат ригатоните (ние ги нарекуваме обичните макарони, кружни) или фусилите, спиралните макарони кои одлично го впиваат сосот од тиквички. Сѐ на се, за овој рецепт ќе ви треба само една тиквичка, а сите макарони ќе „пливаат“ во сос.

Едно тенџере наполнете го со вода повеќе од половина. Посолете ја водата со 1 голема лажица сол и ставете на рингла додека водата да зоврие. На првиот клуч, ставете ги макароните и варете ги според упатството на кесичката (ал денте). Доколку не сте љубители на „тврдите“ тестенини, не ги варете подолго, ќе станат кашести.

Тие дополнително ќе се зготват во сосот при печењето и ќе омекнат. По варењето, процедете ја водата од макароните и во нив додајте 3 лажици масло или путер за да не се залепат. Оставете ги малку да се подизладат. Рерната вклучете ја да се загрее на 200 степени.

Изрендајте ја тиквичката на најкрупната страна од рендето, посолете со 1 лажичка сол и оставете да отстои 15-тина минути на собна температура за да се ослободи водата. Во меѓувреме во еден подлабок сад ставете го кравјото сирење (може да користите и некое друго по вкус).

По потреба посолете го сирењето, па додајте ја павлаката и со виљушка соединете во еднолична смеса. Процедете ги тиквичките по изминатото време и додајте ги во сирењето и павлаката. По желба зачинете и со други зачини. Додајте 3 јајца и сѐ измешајте еднолично.

Во смесата се додаваат тестенините, се мешаат и се распоредуваат на претходно премачкан плех со малку путер. Плехот треба да биде со стандардна големина. Добро израмнете за макароните да не се преклопуваат и печете 30-тина минути. Кој сака може да нароси и кашкавал одозгора. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.