Белите дробови како орган се состојат од серија на дишни патишта и белодробен паренхим.
Дишните патишта се т.н. транспортна зона и тоа е серија од бронхи, кои почнувајќи од дишникот (трахеа) континуирано се разгрануваат, станувајќи се пократки и потенки, преку главните лобарни а понатаму преку сегментни и субсегментни бронхи, па се до терминалните бронхиоли кои навлегуваат длабоко во белодробниот паренхим.
Белодробниот паренхим е т.н. респираторна зона која се состои од респираторни бронхиоли, алвеоларни дуктуси и сакулуси се до алвеолите каде што се врши размената на гасови, односно кислородот од вдишаниот воздух преоѓа во крвта и обратно, јаглеродниот диоксид од крвта преоѓа во издишаниот воздух.
Виртуелната бронхоскопија е компјутерски генерирана тридимензионална постпроцесинг техника при компјутерската томографија, која продуцира слики на трахеобронхијалното стебло со висока резолуција и претставува симулација и замена на конвенционалната бронхоскопија (со фибероптичен бронхоскоп).
Таа резултира на големиот напредок на компјутерскиот хардвер и софтвер и напредокот во МСКТ (мултислајс компјутерска томографија) скенер технологијата.
Прегледот е неинвазивен, безопасен, се изведува во еден акт на инспириум (во еден здив) и трае 20 – тина секунди. Ретко, како на пример при индикација за трахеобронхомалација, прегледот се изведува и во инспириум (вдишување) и во експириум (издишување), за да се дијагностицира стеснување или колапс на воздушните патишта на белодробието.
Кога постои сомневање за туморски процес (карцином итн.) се вбризгува контрастно средство преку периферна вена (најчесто на рака), за да се добие подобра визуелизација на туморот, како и да се види соодносот помеѓу туморот, крвните садови и дишните патишта.
Откако ќе се изврши прегледот (скенирањето), со помош на компјутерскиот софтвер се овозможува симултано анализирање на аксијалните пресеци, мултипланарните пресеци и ендолуминалните слики, со што се добива увид во интралуминалните и екстралуминалните анатомски структури, односно евентуални патолошки процеси.
Со помош на ВБ може со голема точност да се откриваат ендолуминални или екстралуминални лезии, бенигни или малигни бронхијални стенози, бронхогени карциноми, анатомски варијанти, трахеален бронх (за горниот десен лобус), вродени или стекнати трахеобронхијални дивертикулуми, трахеоезофагеална фистула, васкуларни прстени (vascular ring) кои можат да предизвикаат стридoр (свирење) кај деца, аспирација на страни тела (поготово во случај на органски страни тела со нормални конвенционални рентгенографски наоди), потоа како водич за планирање на трансбронхијална биопсија на медијастинални или хиларни лимфни јазли итн.
Виртуелната бронхоскопија како релативно нова метода добива се поголемо значење и е од интерес не само за радиолозите туку и за пулмолозите бидејќи може да биде од голема полза при евалуација на пациентите со суспектна патологија на дишните патишта.
Д-р Ѕвонко Атанасов Спец. по радиодијагностика