Нешто слично како КИШ, оваа пита се прави многу лесно, дури им е прелесна и на оние кои што никогаш не влегле во кујна. Сите го фалат овој рецепт бидејќи се прави многу брзо, базата е смеса слична на онаа за палачинки, и потоа само се додава многу зеленчук.

Овој прекрасен појадок им го праќам на децата за на училиште, а кога сите дечиња го бендисале по изглед им побарале на мајките и нив да им направат. Потоа сите мајки ми пишаа во порака за да им го дадам рецептот.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, половина чајна чаша масло (45 мл), 1 чајна чаша млеко (90 мл), 10 г прашок за печиво, 10 г сол, 2 чајни чаши бело, сенаменско брашно (130 г). За филот: 1 црвена пиперка, 2 зелени пиперки, 1 кромид, 1 домат, 1 компир,  150 г чедар кашкавал и 100 г фета сирење и уште 100 г чедар кашкавал за наросување.




ПОСТАПКА: Јајцата скршете ги во еден подлабок сад и изматете ги со жица. Додајте 1 чајна чаша млеко, половина чајна чаша масло, сол и прашок за печиво. Соединете ги состојките. На крајот се додава брашното и сè заедно се инкорпорира во еднолична смеса.

Пиперките исечкајте ги на ситни коцки или куси ленти, кромидот исто така исечкајте го на коцки и додајте го во смесата за тесто. Доматот исечете го внимателно за да не ви се распадне од сокот, најдобро е тоа да го направите со остар нож.




Компирот исечкајте го на ситни коцки за да може полесно да за зготви, а чедар кашкавалот и фета сирењето измешајте ги заедно (чедарот се ренда, а фета сирењето се дроби). Сите состојки додајте ги во сместата и измешајте до соединување.




Смесата излејте ја во тенок калап, рамен како оној за палачинки, но прво премачкајте го обилно со малку омекнат путер. Овој калап буквално како да нема страни, туку само големо дно. Смесата излејте ја и добро израмнете ја.




Одозгора наросете го преостанатиот рендан чедар кашкавал, а потоа ставете на печење во претходно загреана рерна на 180 степени. Јадењето ќе биде готово за 35 минути или додека фати коричка одозгора во зависност од рерната. Послужете со сечење на пица парчиња. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.




Ова јадење многу потсетува на францускиот традиционален „киш“ кој се подготвува на сличен начин. Секако во тестото може да додадете сувомеснато, кашкавал, сирење.. по ваш избор, а ние ќе ви ја претставиме најздравата варијанта.




Може да го примените и следниов рецепт кој е малку побогат. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 моркови, 1 праз, 1 пиперка (блага или лута по ваш избор), 2 компира, 500 г зелка, 10 г свеж магдонос. За тесто: 4 јајца, 40 мл млеко, 40 мл масло, 10 г сол, прстофат црн пипер, 120 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво, изрендан кашкавал за наросување, црн и бел сусам..




ПОСТАПКА: Се подготвува на ист начин како претходниот рецепт со додавање на плус уште неколку состојки. Само печењето е малку поразлично: се излева во плех обложен со хартија за печење со димензии 35×35 см и се става на печење во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20-тина минути.




Потоа плехот се вади од редна и одозгора се наросува со рендан кашкавал (по потреба), црн и бел сусам, па повторно се враќа на печење на истата температура уште 15 минути. Се послужува топло, но подеднакво е вкусно и оладено. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.