Фотографја и рецепт на Лидија Стојанова (пост од архива). Голема благодарност до нашата читателка Лидија Стојанова од Неготино што го сподели со нас овој пост за Василичарска погача.

Потребни состојки: 1 коцка свеж квасец, 500 мл млако млеко, 3 јајца, 2 филџани за кафе масло (околу 200 мл), 5 супени лажици кисело млеко (на собна температура), 2 супени лажици шеќер, 2 кафени кажички сол, брашно по потреба, за да се замеси средно меко тесто кое не лепи на раце (околу 800 г – 1 кг).

Постапка: Во малку млако млеко се раствора квасецот со малку шеќер и брашно. Се остава на топло околу 10-тина минути да се активира. Брашното се просејува, па со додавање на останатие состојки се замесува средно меко тесто. Тестото се остава 15-тина минути да одмори, а потоа се дели на повеќе топчиња.

Формираните топчиња се редат во претходно намастена тепсија (бр.30). За фигурите за украсување: се приготвуваат на самиот почеток, пред да се замеси погачата. Тестото за белите фигури е исто како за леб, само без квасец и сол.  Се замесува со брашно, нишесте (густин) и вода, да се добие потврдо тесто.

Се лепат со шеќерна вода-сируп за да не паѓаат пред крај на печењето на погачата и да останат бели.  Може да користите 100 г брашно и 100 г густин и да замесете со вода. Готовата погача се украсува со фигурите што сте ги подготвиле претходно, и се премачкува со жолчка од јајце (освен фигурите).

Се става да се пече во загреана рерна, во почетокот на 200 степени околу 10-15 минути, па се допекува на 180-150 степени во зависност од рерната, околу еден час. Напомена: Бидејќи станува збор за групно и организирано славење на василичарски оган, присутните побараа погачата да биде со обични топчиња и да бидат на број колку што има присутни на собирот.

Паричката се разбира е во едно од овие топчиња. Ќе се падне кај најсреќниот. За многу години Стара Нова година – Василица! Здравје, среќа, љубов, бериќет и мир за секого! – Лидија Стојанова (пост од архива)

Прочитајте и: Славска погача украсена со рачно приготвени декоративни украси. Фотографии и рецепт на Смилјана Видојковиќ – Славски колач. “Овојпат малку поинаку го приготвив мојот славски колач”, вели Смилјана, а мора да се признае дека нејзината погача е совршено декорирана, за сите пофалби! Ова е нејзиниот рецепт:

Потребни состојки: 1 кг брашно, 500 мл млака вода, 1 коцка свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 1-2 лажички сол, 1 мал филџан масло. За декорации: 300-400 г брашно, 3-4 лажици густин/нишесте/скроб, малку сол и малку вода. Постапка: Издробете го квасецот во малку млака вода со лажичка шеќер и лажица брашно.

Разматете да нема грутчиња и оставете 10-тина минути да се запени и да се активира квасецот. Од наведените состојки замесете убаво мазно тесто, покријте го и оставете го да стасува додека да ја удвои величината. Потоа премесете го и оставете го уште еднаш да стасува.

Размесете го тестото на малку набрашнета површина за да го обликувате и ставете го во тенџере обложено со хартија за печење. Декорациите можете да ги ставите (залепите) додека стасува тестото, а целата погача да ја премачкате со јајце пред печење.

Или пак, со карамелизирана водичка (шеќерна вода), или пак украсите да ги ставите пред крајот од печењето, а потоа само да ги допечете заедно со погачата. Се пече долго и во зависност од самиот шпорет.

Јас го ставам во загреана рерна на 250 степени и веднаш го покривам со хартија за печење (или алу-фолија) додека убаво да порасне. Потоа го откривам, ја намалувам температурата на 200 степени и го печам додека убаво да зарумени.

Кога е печен колачот, се лепат украсите, (се премачкува со јајце-опционо) и се враќа во рерна на 100 степени уште половина час. Декорациите треба да се зацврстат, па јас со рака ги проверувам кога се готови. На крај кога колачот е готов, се премачкува со малку разблажен мед за да добие ваков сјај.

За декорации: Од брашно, густин и малку сол со ладна вода замесете цврсто тврдо тесто. Декорациите можете сами да ги правите со помош на вашите раце и вашата креативност, но може да користите и готови модли за славски колач кои ги има во кинеските продавници, а се порачуваат и од интернет.

Украсите се лепат со каша направена од 3-4 лажици брашно и 2-3 лажици шеќер и малку вода, да добиете густа каша. Кога ќе ги излепите украсите, вратете го колачот во рерна да се залепат и исушат (потсетување: може да ги залепите и на самиот почеток).