Оваа вртена пита е толку многу вкусна што нема да може да ѝ одолеете и ќе ја изедете додека е врела. Ви кажувам од искуство, таков беше случајот кај нас дома, сите бевме воодушевени. Рецептот е многу лесен, нема долго чекање и месење, така што доколку го следите секој чекор последователно, резултатот со сигурност ќе биде успешен.

Изборот на фил останува на вас, во питата може да ставите нешто по ваш избор. Јас најчесто ја правам со сирење или сирење и спанаќ, така ја направив вчера. Дечињата ја обожаваат, а ја послужувам со чаша јогурт. Нема некој што не ја пробал и не ја сака оваа пита. Може да си ја направите за појадок, ручек или вечера, а за јадење е највкусна додека е топла. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 5 чаши пченично брашно (600 грама), 1,5 чаши млеко (300 мл), 2 јајца, 1 лажичка (8 грама) сол. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ НА ТЕСТОТО: 100 мл растително масло. ЗА ФИЛОТ: 300 г сирење, 1 китка сечкан магдонос (120 г). ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ НА ПИТАТА: 2 жолчки и 1 лажица масло.




ПОСТАПКА: Млекото и јајцата се оставаат да отстојат на собна температура да се стоплат. Во еден подлабок сад сипете 300 мл млако млеко, приближно 1,5 чаша од 200 мл. Во млекото додајте ги двете јајца и 1 мала лажичка сол. Промешајте ги состојките со жица/маталка, додека да се соединат.




Постепено започнете да го додавате брашното на неколку наврати. Ќе ви биде потребно приближно 600 г брашно или 5 чаши. Најпрво мешајте ги состојките со дрвена лажица додека смесата да почне да се соединува, а потоа преминете на месење со рака. Оставете си малку брашно за наросување и домесување на тестото, да не ви лепи.




Замесете го тестото со рака додека да добиете убаво мазно и меко тесто. По потреба во текот на месењето наросувајте малку брашно. Тестото не треба да го оставате да стасува и се меси сосем кратко време, бидејќи е потребно да остане меко. Откога ќе го замесите добро, префрлете го на набрашнета работна површина и уште малку обликувајте го во подебел валјак и поделете го на 9 еднакви делови. Секој дел премесете го и формирајте топче.




Секое топче редете го на набрашнета чинија и кога сите топчиња ќе ги обликувате, покријте ги со крпа или кеса и оставете ги да одморат 10-тина минути, на топло место. По изминатото време, земете едно топче и развлечете го во тенка кора со дијаметар од 20 или 25 см (значи колку една чинија).




По потреба, додавајте си брашно врз тестото и оклагијата, за да не ви лепи. Секоја развлечена кора тргајте ја настрана и на овој начин подгответе ги сите топчиња. Потоа, земете една чинија и добро намастете ја со масло (ќе ви биде потребно околу 100 мл масло). Ставете ја првата кора, добро намастете ја, па преку неа ставете ја втората кора и така сѐ до крај. Секоја кора мора да биде добро премачкана со масло. Вака подготвените кори оставете ги да отстојат покриени околу 30 минути.




За тегнење на корите потребна ви е голема маса. Земете ја првата намастена кора и малку развлечете ја со дланките колку што можете. Започнете внимателно да ја тегнете кората од сите страни, внимавајќи да не ви се искине. Кората се развлекува колку што можете повеќе. Кога ќе ја развлечете преку целата маса, филувајте со следниот фил, кој треба да го поделите на 9 еднакви делови.




ЗА ФИЛОТ: 300 г сирење издробете го и измешајте го со 120 г ситно сечкан магдонос. Дегустирајте, па по вкус посолете, доколку е потребно. Филот се реди преку целата кора, а потоа од подолгата страна се витка во тенка ролничка. На овој начин потребно е да ги подготвите сите кори, така што ќе добиете 9 ленти.

Во намастена тепсија бр. 40 започнете ги да редите во круг, започнувајќи од средината како полжав, а потоа секоја следна надоврзувајте ја на претходната, спирално. Истата постапка продолжете ја и со останатите кори додека да ја исполните тепсијата.

На крајот, питата исечете ја на 8 парчиња како за пица и одозгора премачкајте ја со мешавина од 2 жолчки и масло. Питата ставете ја да се пече во добро загреана рерна на 180 степени степени, околу 50 минути или печете додека убаво да зарумени. Деталите можете да ги погледнете ОВДЕ.