Во слободно време замеси и замрзни, а кога сакаш испечи: вкусни печива со мелено месо. Рецепт на Сања од каналот Аурора Рецепти. „Здраво драги мои, денес еден убав рецепт и пред сè многу корисен за сите нас кои немаме секогаш време да зготвиме нешто домашно, вкусно.




Па еве една идеја за прекрасен рецепт кој ќе ни послужи во време кога ќе дојдат ненадејни гости или за претстојните празници. Замесете, замрзнете и кога сакате испечете.“

Потребни состојки за тесто: 300 мл млака вода, 1 лажичка сув квасец, 1 лажица шеќер, 2 белки, 3 лажици масло, 2 полни лажици кисело млеко или павлака, 3 лажици растопен путер, 700-750 г брашно и 1 мала лажичка сол.




За фил: 600 г јунешко мелено месо (или по избор), 1 поголема главица кромид или 2 помали и зачини: црвен пипер (сладок/лут), сол, вегета и црн пипер по вкус. Јас ставив и половина лажичка сув магдонос и преостанатите 2 жолчки за премачкување.




Постапка: Прво замесете го тестото кое се прави исклучително многу лесно. Во поголема вангла ставете ја млаката вода и додајте го сувиот квасец и шеќерот. Малку промешајте со шпатула. Потоа додајте ги двете белки од јајце.




Повторно измешајте и додајте ги останатите состојки како масло, кисело млеко и путер, сол, а брашното се додава на крај. Јас прво ставив 600 г брашно, но видов дека ми фали уште 100-150 па додадов уште. Така направете и вие, постепено додавајте го брашното и додека го замесувате тестото ќе приметите дали ви е потребно да додадете уште.




Замесеното меко и нелепливо тесто кое сте го замесиле на рамна набрашнета површина, поделете го на 4 еднакви делови и од секој дел формирајте топче кое ќе го завиткате во проѕирна фолија. Оставете тестото да стаса околу 10-тина минути додека го подготвувате филот.




За филот: Земете 600 г мелено месо (јас користев јунешко, но може да ставите било какво, не мора ни да е мелено) и ставете го во некој сад. Ситно исечкајте го кромидот и додајте го во смесата со мелено месо и потоа зачинете по вкус.

Измешајте се добро со раце додека се распоредат состојките, а потоа и месото покријте го со проѕирна фолија и ставете го во фрижидер да отстои додека ги развлекувате корите.




Развлекувате едно по едно топче-тесто на набрашнета рамна површина со оклагија. Кората треба да ја развлечете што потенка како кога правите баклава или пита. Потоа вака развлечената кора се дели на траки со дебелина од 4 прсти помеѓу нив.

На почеток на секоја трака ставате по малку од филот со мелено месо, а на остатокот од тракате премачкувате со малку растопен путер и виткате триаголници (како што е прикажано на сликата). Вака ги подготвувате и останатите теста.




Заборавив да ви кажам дека овие печива ги правам секогаш за престојните слави, а може да се прават со различен фил, на пример со спанаќ, сирење.. Нареден пат ќе ги правам со сирење. Покрај тоа, скоро 2/3 од количината која ја имам сега ја замрзнувам и си ја чувам за некогаш кога ќе немам ручек или ќе ми се појават ненадејни гости на врата.




За таа намена си купив алуминиумски тацни каде што ги складирам печивата и ги чувам во фрижидер. Не броев колку печива излегуваат, но навистина се многу. Покрај тоа се лиснати и многу вкусни.




Е сега, доколку сакате да испечете неколку печива ги премачкувате тие со преостанатите жолчки и наросувате со семки по желба (опционално), а потоа ставате на печење во претходно загреана рерна на 180 степени. Прво во видеото кажав дека се печат 20-25 минути, но сфатив дека е малку време и ги оставив уште 10 минути, значи вкупно 35 минути печење.

Секако ќе си видите сами кога ќе бидат готови според јачината на вашата рерна бидејќи секоја е различна, но одозгора треба да заруменат и да добијат жолто-златна боја. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.