Сè повеќе стануваат актуелни рецептите за тесто кое се прави со компир, наместо со брашно. Домаќинките повеќе ја фаворизираат оваа состојка која дефитивно го збогатува вкусот на тестата за неколкупати повеќе.

Овие стапчиња со сусам ми се омилени грицки. Понекогаш правам по две или три тури, додека да наполнам цела планина во чинијата од нив. Сите дома ги обожаваме, а мене многу ми одговара што дечињата ги сакаат бидејќи се здрави.




Стапчињата може да ги печете или да ги пржите, како ви е полесно. Да знаете дека ако ги пржите, не впиваат многу масло. Се прават од 3 едноставни состојки, без зачините, а по вкус се многу ароматични. Еве кои состојки ви се потребни за да ги направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г компири, 70 г пченкарен скроб, сусам за наросување, 1/2 лажичка сол, 1/5 лажичка црн пипер и по желба додавате останати зачини по вкус. Доколку сакате поголема количина, удвојте ги состојките.




ПОСТАПКА: Компирите ставете ги во вода, да отстојат минимум 1 час за да се исплакнат. Првата вода сменете ја за кратко време бидејќи во неа ќе се насоберат најмногу нечистотии, а втората и третата менувајте ги на 20-25 минути. Доколку немате време за вакво „плакнење“, само измијте ги и излупете ги вообичаено.




Исечете ги компирите на приближно еднакви коцки (за да можат рамномерно да се сварат) и ставете ги да се варат во тенџере со вода, приближно 15 минути по зовривањето (проверете со виљушка).




Кога компирите ќе омекнат, процедете ги од водата и оставете сосем малку да се оладат, а потоа испасирајте ги со специјална алатка за пире или со задниот дел на виљушка. Во пирето додајте 1/5 лажичка црн пипер, 1/2 лажичка сол и 70 г пченкарен скроб. По желба, ставете и други зачини како куркума, чили, рузмарин…




Добро измешајте ги состојките додека да се формира компактна смеса која треба малку да се прилепи како тесто, благодарение на скробот. И натаму е меко како густо пире. Земете еден кујнски шприц или кујнска десертна кеса и наполнете ја со смесата од компири.




Во рамна чинија наросете бел сусам и со помош на кујнскиот шприц истиснувајте ленти со големина по ваша желба. Потоа, секоја лента се врти нежно со прстите низ сусамот додека да се прилепи од сите страни, па сусамките се вадат и се складираат во тепсија со хартија за печење да се испечат или директно се ставаат во тавче со загреано масло, да се испржат.




На овој начин се подготвуваат сусамките, додека да го потрошите целиот материјал, а сусам додавате по потреба. Доколку ги печете грицките, тоа нека биде на умерена температура од 180 степени и се печат сосем кратко време, додека да се стегнат и сусамот малку да порумени.

Ако ги пржите, бидете постојано до тавчето за да ги вртите, да не ви загори сусамот. Немам пробано, но ми текна идејата, во тестото да се додаде 1 јајце, чили зачини и 1-2 лажици млеко. Можеби нареден пат ќе ги пробам на таков начин, а ако сакате да експериментирате, пробајте ги, па ќе ме известите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.