Рецепт и видео презентација на Христина Митреска од “Веганска и Вегетаријанска Кујна” – Здрава пица од тиквички

Денес е интернационалниот ден на пицата. Затоа мислевме дека ќе биде интересно да дознаеме малку повеќе за овој специјалитет. Пицата настанала во Италија како храна на сиромашните.

Селаните имале свое сопствено брашно, произведувале домати, сирења и кашкавали и други продукти, па од нив правеле различни видови на пица, во зависност од она што во моментот го имале дома.

Тестото на времето било многу подебело од она што се користи денес, бидејќи основната цел на пицата била добро да ги најаде луѓето. Со текот на времето ова се сменило, па така настанале нови видови на пица.

Сепак, и ден денес, пиците кои се прават во италијанските села не можат да се споредат со она што вообичаено е на понуда во градовите. Приказната за тоа како настанала пицата Маргарита, на пример, е доста интересна.

Италијанската кралица Маргарита, за време на нејзината посета на Неапол во 1879 година, посакала да го проба локалниот специјалитет – пицата. Во нејзина чест, пица-мајсторот и направил пица со боите на италијанското знаме: зелена боја – оригано, бела боја – моцарела, и црвена боја – домати.

Зошто пицата е “здрава храна“? Секоја храна е меч со две острици, а научниците предупредуваат дека здравата исхрана не зависи толку од намирниците кои се користат, туку од начинот на кој се подготвуваат, и нормално, од количината на храната што се јаде.

Пицата може да биде масна и преполна со јаглехидрати. Но исто така, може да биде здрав оброк кој ги обединува неопходните намирници, витамини и минерали. Тестото направено од интегрално брашно е богато со антиоксиданти кои го штитат кр-вотокот.

Сосот од домати изобилува со бета-каротен, ликопен и витамин Ц. Ако на пицата ставите и моцарела, ја добивате и потребната доза од калциум. Јас ви приготвив здрава пица од тиквица.

Потребни состојки: Една поголема тиквичка, 1 јајце, сол, црн пипер, оригано, босилек, рендана моцарела, печурки, шери домати, доматен сос. Постапка: Тиквичката измијте ја со ладна вода, потсете и ги краевите и излупете ја. Потоа изрендајте ја со крупната страна на рендето. Може да ја посолите со прстофат сол и да ја оставите во цедалка или во газа за да ги ослободи соковите и да се исцеди.

По 5-10 минути добро истискајте ја. Во изренданите тиквички додадете едно јајце и зачинете со оригано, сол и црн пипер по вкус и босилек. Во смесата додадете и една полна рака рендана моцарела.

Вака приготвената компактна смеса распоредете ја врз тепсијата за пици претходно обложена со хартија. Смесата рамномерно распоредете ја во тенка тркалезна кора и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.

За тоа време пригответе ги намирниците за филување: исечкајте ги печурките на тенки ленти, а малите шери домати пресечете ги на половина. Кога пицата од тиквички е печена, извадете ја од рерна и премачкјате ја со доматен сос, одозгора наредете сечкани печурки.

Одозгора наросете со рендана моцарела, па повторно еден ред печурки и парчиња половинки од шери доматчиња. Вратете ја пицата во загреана рерна да се допече уште 5-10 минути колку да се запече моцарелата, а потоа извадете ја, сечете ја и уживајте во нејзиниот крцкав и сочен вкус. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.