Рецепт и видео презентација на Летина кујна – Подобра пита од оваа не сте пробале! Секоја куќа ги има потребните состојките, а со нив можете да го направите овој феноменален ручек. Освен што е многу вкусна, оваа пита е и многу економична.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 850 г брашно, 450-500 мл млака вода, 125 мл масло, 1 рамна лажичка оцет, 1 супена лажица сол. За фил: 350 г ситно или издробено сирење помешано со две цели јајца. Уште ќе ви биде потребно: путер за премачкување на корите и 100 мл млеко за прелевање на питата пред печење.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете нешто помалку од половина литар млака вода, додајте супена лажица алкоxолен (или каков имате) оцет, една супена лажица сол и со дрвена лажица промешајте за да се растопат и растворат состојките.

Во течната мешавина додајте и 125 мл масло и на крај постепено започнете да го додавате брашното. Сето време мешајте со лажицата за да се одбегне создавање на грутки, а на тој начин се постигнува поголема еластичност и мекост на тестото.




Кога повеќе не може да се меша со лажица, земете го тестото и добро замесете го со рака. Тестото на почетокот е доста меко и лепливо, па истресете го на убаво набрашнета работна површина. Полека домесете го додека да стане убаво компактно и да не се лепи на рака.




Измесеното тесто формирајте го во топка и вратете го садот, покријте го со крпа и оставете го да одмори 10-15-тина минути. Потоа тестото истресете го на набрашнета работна површина и формирајте го облик на валјак за полесно да го пресечете на 12 еднакви делови.




Секое парче премесете го за да формирате убаво топче. Вака формираните приближно еднакви топчиња прекријте ги со кеса или проѕирна фолија и оставете ги да одморат 10-15-тина минути. Потоа со помош на оклагија развлекувајте тркалезни кори со величина на чинија.




Развиените кори наредете ги една врз друга во два купа, по шест кори. Земете го едниот куп тесто и со помош на оклагија развлечете една голема кора. Ќе забележите дека иако шесте кори беа една врз друга, сепак се одлепуваат. Па така, земете ја горната кора и уште малку развлечете ја со раце и тргнете ја на страна.




Земете ја втората кора, па истото повторете го и со неа. Ова е најлесниот начин за развлекување на тенки кори. Ако работниот простор ви е помал, како мојот, редете ги корите на надоврзување, една преку друга, а доколку имате поголем простор, тогаш редете ги посебно.




Тепсијата или калапот во кој ќе ја печете питата обложете ја со хартија за печење, па ставете една кора, така што краевите да и излегуваат малку надвор. Нанесете малку фил, не премногу. Кората премачкјате ја и со малку растопен путер, со помош на силиконска четка.




Одозгора ставете ја втората кора, малку гужвана или како ќе ви дојде. Премачкјате ја со малку растопен путер и нанесете рамномерно малку од филот. Па повторно одозгора ставете ја третата кора и повторете ја постапката: малку растопен путер и малку фил.

Припикнете ги краевите кон внатре и убаво спакувајте ја питата. Четвртата кора нанесете ја широко исто како што ја поставивте и првата, преку краевите на садот, да виси од надворешната страна. Постапката продолжувајте ја додека имате кори и фил од сирење.




Кога ќе дојдете при крајот од редењето на корите, вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Останатите кори наредете ги на истиот начин. Кога ќе ја ставите последната кора, одозгора премачкајте ја со преостанатиот путер и со остар нож исечете ја на коцки со големина по ваша желба.




Вака исечената пита рамномерно прелијте ја со 100 мл млеко. Вака прелеаната пита ставете ја во добро загреана рерна на 200 степени и печете ја приближно 30-35 минути во зависност од рерната, додека убаво да зарумени. Питата прекрасно мириса кога ќе се испече.

Можете веднаш да ја послужите откако малку ќе подизлади, а вкусна е и мека како памук и кога ќе се олади. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.