Кокосот е речиси на сите омилено задоволство и се користи во многу рецепти за десерти. Еден од најпознатите колачи со кокос се секако рафаело топчињата, а може да направите сладок ролат кој ги содржи овие вкусни топчиња, пудинг и кокос. Комбинацијата од сите овие состојки е едноставно совршена, а најдоброто нешто е што се прави брзо.




Рафаело топчињата се едни од највкусните и најбрзите десерти, а овој нов рецепт за рафаело ролат е многупати повкусен поради тоа што е збогатен со уште неколку состојки. Пишкотите даваат одличен вкус, а кремот со ванила дава дополнителен кремаст вкус. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г пишкоти, 200 мл млеко. ЗА ФИЛОТ: 600 мл млеко, 80 г пудинг од ванила, 160 г шеќер, 300 г путер, 100 г кокос, 100 г рафаело топчиња. ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 200 мл слатка павлака, 50 шеќер во прав, 1 лажичка екстракт од ванила, нутела или растопено чоколадо за декорација, 50 г рафаело топчиња (опционално).




ПОСТАПКА: На маса поставете подолга стреч-фолија и наредете ги пишкотите, кои претходно треба да ги потопувате во 200 мл млако млеко. Важно е пишкотите да се натопат од долната страна до средината, а одозгора не мора. Потопените пишкоти малку ќе омекнат, па редете ги на проѕирната стреч-фолија во подолг ред (3 реда по 9-10 пишкоти).




Оставете ги пишкотите дополнително да омекнат од млекото за да не се прекршуваат при виткање на ролатот, а во меѓувреме подгответе го кремот. ЗА КРЕМОТ: Во тенџере сипете 500 мл млеко и додајте го шеќерот, промешајте и оставете да зоврие на средна температура.




Во подлабок сад измешајте 100 мл млеко и кесичките со ванилин пудинг, па сѐ убаво измешајте да нема грутчиња. Додајте ја смесата со пудинг во загреаното млеко и варете додека да се згусне со постојано мешање. За пудингот да не ви загори, по додавање на пудинзите, намалете ја температурата на ринглата.




Пудингот треба да добие густа конзистентност, па тргнете го од рингла и во него додајте го путерот на собна температура, кој претходно сте го изматиле пенасто. Сè соединете со миксер. Потоа додајте го кокосот и нежно измешајте со лажица или шпатула.




Оставете го кремот малку да се олади (да биде млак), па премачкајте го преку пишкотите, па од едниот крај, од каде што ќе почнете со виткање на ролатот наредете ги рафаело топчињата по ширина. Потоа свиткајте во ролат со помош на проѕирната фолија. Ставете го ролатот во фрижидер еден час, за малку да се стегне.




По изминатото време, изматете ја слатката павлака со шеќерот во прав и ванилата, па премачкајте го целиот ролат и убаво измазнете го. Декорирајте го со растопено чоколадо или нутела, со помош на готварски шприц и со топчиња рафаело. Секако, ова е опционално, ролатот изгледа убаво и кога е само премачкан со изматената слатка павлака.

Ролатот оставете го во фрижидер уште малку да се стегне, па потоа послужете го со сечење на парчиња, со големина по ваша желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.