Гулашот е едно од омилените јадења кои може да се јаде со лажица и да се натопува лепче во него. За да зготвите убав, густ и ароматичен гулаш, со добро парче месо, треба да подготвите соодветна количина кромид, бидејќи токму во кромидот е тајната на густиот и вкусен гулашен сос.




Освен на количината на кромидот, исто така, важно е да внимавате и на начинот на неговото пржење и да не дозволите да ви загори. Обично, гулашот се подготвува долго време и потребно е постојано да бидете покрај него.




Ќе ви откриеме два рецепти, првиот за класичен гулаш по оригинален рецепт на кој му се додава малку вино за дополнителна арома, и втор рецепт, многу полесен, кој го оставате да се „крчка“ додека си ги завршувате другите обврски низ дома.




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г јунешко од лопатка, 500 г кромид, 75 г концентрат од домат (доматно густо пире), 500 мл вода, 200 мл бело или црвено вино, 250 г компир, 1/2 лажичка ким, 2-3 ловорови листови, 2 лажички слатка мелена пиперка, 50 мл масло, сол

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г свинско месо, 200 г печурки шампињони, 2 големи главици кромид, 2 црвени пиперки, 2 чешниња лук, 1 лажица доматен концентрат, 1 литар булјон, 1 лажица слатка мелена пиперка, 1 ловоров лист, 1 лажица брашно, сол и црн пипер по желба, маст за динстање




ПОСТАПКА за рецепт 1: месото исечете го на коцки со приближно иста величина, па запржете го кратко на врело масло колку да му се затворат порите однадвор, а внатре да остане сирово и сочно. Извадете го на чинија и тргнете го настрана.




На истото масло потпржете го ситно исечканиот кромид, приближно 6-7 минути додека да омекне, па додајте го месото, зачинете со ким и ловоров лист, па продолжете да го динстате со додавање на малку вода. Месото не треба да се вари, туку да се динста во сосем малку вода која е неопходно постојано да се дотура.




На овој начин на тивок оган динстајте го месото 90 минути. Дури пред крајот се додава солта, црвниот пипер во прав и доматното пире, се налева виното и се додава компирот исечен на коцки и се продолжува со готвење уште 30-40 минути или додека компирот да биде зготвен.

Со овој начин мора постојано да го надгледувате јадењето, да го промешувате и да долевате булјон или вода за да не ви загори. Вториот начин на подготовка е полесен:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Месото исечете го на коцкички со големина на залак и извалкајте ги во брашно. Запржете ги на малку масло од сите страни, кратко, само колку да се фати крцкава коричка однадвор и да се затворат порите. Извадете го месото настрана во посебна чинија.




Во истата маснотија запржете го кромидот и ситно сечканата пиперка. Ако е потребно долијте уште малку масло, колку што е потребно. Кога зеленчукот ќе омекне, додајте го доматното пире, промешајте и започнете постепено да го додавате булјонот.




Во тенџерето вратете го месото, а потоа додајте ги и сечканите шампињони. Поклопете го тенџерето и оставете да се готви на тивок оган околу два часа. За тоа време само повремено проверувајте го јадењето и огнот, ако е пресилен за да го намалите и по потреба да промешате или да додадете вода (за веројатно ќе нема потреба).