Од неколку состојки послужете се со нешто убаво. Кадаифот измешајте го со малку сирење. Ќе ви требаат 10 минути за подготовка и потоа уште малку време готвење. Ова е одличен рецепт кој ќе си го правите често кога ќе ви дојдат гости. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г кадаиф кори, 2 лажици шеќер во прав, 160 г растопен путер, 300 г рикота, малку моцарела, мед и сечкани фстаци. Се користи калап со пречник од 27 см или некој со слична големина.




ПОСТАПКА: кадаифот исечкајте го на ситни коцки или поедноставно долгите кори ставете ги во блендер за да се изрендаат на ситно. Префрлете во еден подлабок сад и додајте го шеќерот во прав, па со лажичка промешајте.




Настрана растопете малку путер и прелијте го врз корите од кадаиф. Убаво измешајте до соединување на состојките да се распоредат насекаде. Кога смесата ќе стане полувлажна, тогаш престанете со мешање, па префрлете ја во еден огноотпорен сад и убаво измазнете со лажичка.




Со задниот дел на лажичката натапкајте, а потоа може процесот да го усовршите и со дното на некоја чаша. Смесата треба да е добро натапкана да изгледа како кора за тесто, а на страните да биде малку подебело како синџир.




Во средишниот дел распоредете го сирењето, а одозгора наредете малку сечкана моцарела. Претходно зачувајте си малку од смесата од кадаиф, а филот со сирења затворете го со смесата и лесно натапкајте со лажичка.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 35 минути во зависност од јачината на рерната. Кадаифот превртете го на поголема чинија и страната која што сега доаѓа од горе премачкајте ја со малку мед и наросете мелени и сечкани фстаци. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Во продолжение прочитајте уште еден брз рецепт за кадаиф со шербет:




Фото и рецепт: Родна Трпеска. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кадаиф, 250 г путер/маргарин. ЗА ФИЛ: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 200 г мелени ореви. ЗА ШЕРБЕТ: 1,2 кг шеќер, 800 мл вода, 1 лимон.

ПОСТАПКА: Половина килограм кадаиф се дели на два делови. Едниот се реди во тепсија, се прска со половина растопен маргарин, па се реди филот и другата половина кадаиф, па останатата половина маргарин.




Се пече на тивко додека да ја добиете посакуваната боја. Фил: 5 јајца се матат убаво со 5 лажици шеќер, па се додаваат 200 г мелени ореви. За шербет: 1,2 кг шеќер со 800 мл вода се става на оган да се вари 10 минути, па се додава еден лимон. Ладниот кадаиф се полева со топлиот шербет. Пробајте, нема да погрешите.

Фото и рецепт: Родна Трпеска