Оваа торта е толку едноставна и вкусна што може да ја подготвите ден однапред и да ја чувате во фрижидер до големиот ден, Велигден. Направете ја вкусната велигденска торта збогатена со ореви и жолт крем. Толку е вкусна и сочна, ниедна друга не одговара подобро за овој празник. Послужете со шолја кафе и уживајте со вашите најмили. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПАНДИШПАН: 100 г ореви, 4 јајца, прстофат сол, 100 г шеќер, 1 лажичка екстракт од ванила, 100 мл масло, 100 мл млеко, 200 г брашно, 10 г прашок за печиво.
ЗА КРЕМОТ: 2 јајца, 120 г шеќер, 70 г пченкарен скроб, 1 лажичка екстракт од ванила, 800 мл млеко, 40 г путер. И уште ќе ви биде потребно: 100 мл млеко, 2 лажици какао крем (нутела). Пандишпанот се пече во плех со димензии 40х30 см, а потоа се дели на два дела и се става во плех со обрач (мојот беше до димензии 23х15 см, а може и со приближни големини).
ПОСТАПКА: Јајцата и млекото оставете ги кратко да отстојат на собна температура, па скршете ги во подлабок сад и додајте прстофат сол, шеќерпт и екстрактот од ванила. Започнете да ги матите со миксер во кремаста и пенлива смеса. Смесата треба да побели и да го зголеми својот волумен.
Потоа додајте го маслото со излевање, додека непрекинато матите со миксерот, а на крај додајте го просеаното брашно помешано со прашокот за печиво, на неколку наврати. Измерете си 100 г ореви и кратко пропржете ги во тавче, па сомелете ги и додајте ги во смесата за пандишпан и изедначете.
Целата оваа количина е за две кори. Корите може да ги испечете посебно или во една, па да ја поделите на половина. Јас ги печев како една кора во поголем плех (величините се напишани погоре) и потоа ги поделив според големината на калапот со обрач, а пресечените краеви ги изблендирав и ги зачував за декорација.
Излејте ја целата смеса во правоаголен плех, обложен со хартија за печење, израмнете, па печете во загреана рерна на 180 степени, околу 25 минути или во зависност од рерната. Додека кората се лади по печењето, подгответе го кремот.
ЗА КРЕМ: Во едно тенџере скршете ги двете јајца, додајте го шеќерот, скробот, и ванилата. Измешајте во еднолична смеса со жица маталка, па постепено излејте го млекото (800 мл). Со константно мешање гответе на средна кон ниска температура додека млекото да зоврие и кремот да се згусне, малку повеќе од пудинг.
Сварениот крем тргнете го од оган и веднаш додајте го путерот на коцки и мешајте додека да се растопи и соедини. Оставете да се олади со повремено промешување за да не фати коричка или пак, покријте го со проѕирна-стреч фолија.
За филување, ставете ја едната кора во калапот со обрач и натопете ја со малку млако млеко и премачкајте го половина од оладениот крем. Поклопете со втората кора, натопете со млако млеко и премачкајте со остатокот од филот.
Декорирајте со сечкани мелените остатоци (крајчиња) од пандишпанот. Оладете ја тортата во фрижидер минимум 2 часа или најдобро преку цела ноќ, а пред послужување оставете ја 10 минути на собна температура. Како дополнителна декорација може да направите неколку украсни линии со чоколаден крем или нутела, со помош на готварски шприц. Деталите погледнете ги ОВДЕ.