Пробајте го рецептот на Алекс од каналот „Срдечна храна“ кој сите ги воодушеви. Мене овој колач ме врати во детството со својот неодолив вкус, ме потсети на баба ми која го знаеше овој „модерен“ колач, а кој во тоа време не беше премногу познат во нашите краишта и ретко кој знаеше да направи комбинација од овие неколку состојки.




Целата подготовка ќе ви одземе околу 15-тина минути, а потоа колачот треба да се остави во фрижидер, да се стегне. Според мене и сопругот, тоа е најтешката работа, кога чекаме да се излади за да го дегустираме. Минатиот викенд го направив двапати по ред, толку многу е добар. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г замрзнати малини, 80 г шеќер (1/4 чаша), 30 г пченкарен скроб/нишесте/густин, сок од 1 портокал, бисквити или пишкоти, 150 г рикота сирење, 50 г шеќер во прав, 150 мл шлаг/слатка павлака (2/3 чаша) 15 г какао, декорирајте со рендано чоколадо.




Мене колачот ми е многу поубав со пишкоти отколку со бисквити. Може да го направите со што и да имате, јас го пробав на двата начина. Добро е тоа што за овој колач не вклучувате рерна, ниту валкате премногу садови. Освежителна нота му даваат малините, но вие по вкус може да употребите бобесто овошје по ваш вкус. Во продолжение прочитајте ја постапката.




ПОСТАПКА: Замрзнатите малини оставете да се одмрзнат околу 1 час на собна температура. Потоа ставете ги во едно тенџере, а одозгора прелијте ги со 80 г шеќер и 30 г пченкарен скроб. Ставете го тенџерето на рингла и со повремено мешање, гответе додека да се формира фин крем со густа конзистентност, како сируп.




Важно е малините да се стопат и да нема поголеми грутчиња од овошјето. Исцедете го сокот од портокал. Во еден огноотпорен сад или плех наредете ги пишкотите во еден ред.

По потреба кршете ги на половина или четвртини за да ја исполните целата површина на садот. Одозгора пишкотите премачкајте ги обилно со сокот од портокал за да не бидат суви.




Изладениот сируп од малини излејте го преку пишкотите и рамномерно распоредете го. Одозгора ставете уште еден ред од пишкотите и повторно премачкајте ги со сокот од портокал. Во меѓувреме измешајте го крем сирењето со шеќерот во прав, па кога ќе се соединат, прелијте со слатката павлака и измиксајте со миксер, додека да се формира цврст шам.




Во шамот додајте го какаото и измешајте со шпатула, додека кремот да стане чоколаден. Распоредете го преку вториот ред пишкоти и фино измазнете со шпатулата. Ставете го колачот да се стегне во фрижидер, минимум 1 час или подобро 2 часа. Пред послужување, декорирајте со рендано чоколадо, па послужете со сечење на парчиња, коцки. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.