Рецепт на Бојана од Бокина Кујна. Васина торта – старинска торта со која никогаш нема да погрешите за која прослава и да ја правите. Ова е оригиналниот рецепт и највкусниот.

Васината торта има долга историја и е една од најубавите торти. Се прави многу лесно и едноставно, а одговара за сите прослави, што не е случај со другите торти и колачи. Нема поубава и повкусна торта од оваа.

Иако, при подготовка на сите торти, нормално е рецептот да се менува од време на време. Во зависност од вкусот и состојки, најчесто домаќинките додаваат и одземаат од количината на состојките и рецептот го прилагодуваат по нивен вкус.

Секако, тоа е случај и со васината торта, но многу е поретко од другите торти. Васината торта е убава каква што е и оригиналниот рецепт е најубав, советуваат домаќинките. Нема потреба да се менува.

Васината торта е првата торта која добила машко име. Најстариот рецепт за подготовка на оваа торта датира уште од далечната 1908 година и тоа од Парачин, Србија.

По приказната на старите домаќинки, таму живеел Васе Чокрлјан, кој е всушност главниот лик во оваа приказна. Неговата сопруга Јелена била многу нежна и болежлива кога затруднела.

Локалниот лекар и рекол од што толку е нежна, при пораѓање може да го заг-рози нејзиниот и животот на бебето. Но, сепак нејзиниот сопруг Васе не се предавал и имал надеж дека се ќе биде во ред.

Тој почнал за неговата сопруга да ги бара најдобрите лекари, а патот го однел се до Виена. На крајот неговата упорност и љубов кон неговата жена се исплатела. Јелена била излечена од виенските лекари. На свет донела здраво бебе и брзо се опоравила.

Во чест на пожр.твуваниот Васе, неговата баба (мајката на Јелена), смислила нов рецепт за торта и ја именувала по својот омилен зет. Така тортата го добила ова име и е позната се до денес. Оригиналниот рецепт на тортата ви го претставуваме подолу во текстот.

Потребни состојки за бисквит: 5 јајца, 5 лажици шеќер, 1 лажица брашно, 6 лажици мелени ореви, рендана кора од лимон. Може да ставите и 5 лажички мелени ореви со 1 лажица лешници. Важно мора да биде 6 супени лажички.

За фил: 100 мл млеко, 4 лажици шеќер, 350 г мелени ореви. Други потребни состојки: 100 г растопено чоколадо, 5 жолчки, 4 лажици шеќер во прав, 200 г маргарин или путер, 1 ќесичка ванилин шеќер, 50 мл исцеден сок од портокал и рендана кора од портокал.

За шам: 4 белки кои треба да бидат цврсто изматени, 250 г шеќер, 150 мл вода. Може да употребите и обичен шлаг за декорација.

Постапка: Во подлабок сад додајте ги белките и изматете ги пенасто со миксер со постепено додавање на шеќерот. Матете со миксерот додека добиете пенаста смеса. Потоа во садот постепено додавајте ги жолчките. Повторно се мати со миксер.

Потоа додавајќи ги следните состојки се мати со шпатула, рачна маталка. Додајте го брашното, мелените ореви и ренданата кора од лимон. Во кружен калап со пречник од 26 цм обложете го со хартија за печење, а обрачот намастете го и набрашнете го. Во калапот додајте ја претодно направената смеса и распоредете ја насекаде подеднакво.

Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 20 минути. Печениот бисквит извадете го од калапот и ставете го на тацната на која ќе се филува тортата. Подготовка на филот: Ставете го млекото во тенџере на рингла заедно со шеќерот и почекајте да зоврие. Потоа попарете ги мелените ореви и добро промешајте.

Смесата со ореви тргнете ја настрана за да се олади. Жолчките ставете ги во тенџере и изматете ги, па додајте го шеќерот во прав. Добро промешајте со жица за матење да се соедини смесата и ставете го тенџерето на пареа со постојано мешање околу 10 минути, додека да згусне.

Сварениот крем од жолчки тргнете го настрана и оставете да се излади. За да знаете дали добро е зготвен кремот со жолчки, по 10 минути треба да забележите дека остава трага на дното односно празен простор на кој се гледа тенџерето. Тоа значи дека кремот е подготвен и е доволно густ.

Изматете го маргаринот пенасто, па во него додајте ги оладените ореви, лажица по лажица, со постојано матење со миксерот. Во таа смеса постепено додајте го изладеиот крем од жолчки, лажица по лажица.

На крај растопете го чоколадото и оставете да се подизлади, па додајте го во филот од ореви. Добро изматете за да се соединат сите состојки. На крај додајте го ванилиниот шеќер, ренданата кора од портокал и 50 мл цеден сок од портокал и добро изматете.

Филот ставете го во фрижидер да се соединат добро состојките и малку да подизлади пред филување, околу 5 минути. Доколку ви останало вишок сок од процедениот портокал, натопете ја кората за да биде сочна, а потоа врз неа рамномерно распоредете го филот од сите страни. Тортата оставете ја во фрижидер додека го приготвувате шамот.

Подготовка на шам: Во помало тенџере ставете ги шеќерот и водата на рингла да зоврие сирупот со повремено мешање. Оставете да се вари неколку минути, додека да се добие густ сируп. Белките претходно кои отстојале еден час на собна температура добро изматете ги со електричен миксер да се добие пенаста стврдната смеса.

Белките изматете ги со миксер и постепено додавајте го шербетот. Матете подолго додека да добиете убав, цврст, мазен и сјаен шам. Потоа ставете го во шприц и декорирајте ја тортата. Moже да наросите какао или рендано чоколадо врз тортата по желба. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска