Рецепт и видео прилог на Мои Домашни Рецепти: Ванилици со ореви

Многу вкусни и ровки ванилици со ореви, буквално се топат во уста. Има разни рецепти за ванилици, а овој е еден меѓу најдобрите. Во продолжение можете да го погледнете и видео прилогот. Во тестото не се става прашок за печиво!

Потребни состојки: 200 г маргарин/путер, 2 јајца, 1 кесичка ванилин шеќер, 200 г шеќер во прав, 400 г брашно, 150 г мелени ореви и 100 г шеќер во прав за валкање

Постапка: Во подлабок сад ставете путер омекнат на собна температура, две јајца, една кесичка ванилин шеќер и 200 г шеќер во прав. Убаво со раце замесете ги состојките додека да добиете изедначена смеса.

Во смесата од јајца и путер додадете 400 г брашно, 150 г мелени ореви, па продолежете со рачно месење додека да добиете ровко тесто кое лесно се обликува. Тестото поделете го на два дела (за полесно обликување), па формирјте долг ваљак.

Одозгора малку притиснете го, па со тркалезна модла вадете полумесечинки (погледни видео). Секако може да вадите форми и фигури по ваша желба. Ванилиците редете ги во плех обложен со хартија за печење и ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 15 минути.

Ванилиците треба само малку да заруменат и да останат бели. Оставете ги малку да подизладат, па валкајте ги во шеќер во прав во кој сте додале и малку ванила. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: