Ако ви здодеа од компирот приготвен секогаш на ист начин, пржен, печен или варен, тогаш ви го препорачуваме овој рецепт. Постапката за приготвување е едноставна а вкусот е прекрасен! Затоа, внимавајте на прстите, многу е вкусно! Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг компири +-, 1 лажичка сув зачин, сол и црн пипер по вкус, 1 прстофат рузмарин, 2 чешниња лук ситно сечкани, 200 мл млеко, 200 мл неутрална павлака за готвење, малку путер




ПОСТАПКА: Околу 1 кг компир измијте го, излупете го и сечете го на тенки тркалца-плочки (како за мусака), со нож или на ренде. Компирот наредете го во тавчето и зачинете го по вкус со сол, црн пипер и сув зачин. Додајте малку рузмарин и две ситно сечкани чешниња лук.




Прелијте со по една чаша од 200 мл млеко и 200 мл течна, неутрална павлака. Ако немате течна, користете кисела павлака, но претходно разредете ја и промешајте ја со млекото, па заедно прелијте врз компирот.




Многу малку, околу една лажица путер наредете одозгора врз компирот, па ставете на рингла, на умерена температура и гответе 10-тина минути, колку малку да омекне компирот. Потоа тргнете го тавчето настрана.




Одозгора изрендајте кашкавал со количина по желба (колку повеќе, толку подобро), па ставете во загреана рерна на 200 степени додека убаво да се запече. Затоа, користете некое тавче без пластични додатоци на него, кое може да се користи и за печење во рерна. Постапката погледнете ја ОВДЕ, а во продолжение прочитајте го рецептот за манастирски компир:




Потребни состојки: 4 големи компири, 1 цела главица лук, 1 лажичка морска сол (кошер сол во снегулки или хималајска), 1 лажичка црн пипер во прав (најдобро свежо мелен), 1 лажица маслиново масло, 2 лажици посен маргарин (или путер ако не постите) и 2 лажици ситно сечкан свеж магдонос




Постапка: Загрејте ја рерната на 220 степени. Магдоносот убаво измијте го, исцедете го добро, па колку можете поситно исечкајте го. Компирите измијте ги, излупете ги, па исечете ги на долгнавести парчиња како за помфрит или нешто покрупно.




Врз компирите наросете една лажичка црн пипер во прав, една лажичка сол и една супена лажица маслиново масло. Добро промешајте за да се распоредат зачините подеднакво на сите компири.

Земете една главица лук и без да ја лупите, отсечете го коренестиот дел, така да се отворат чешнињата. Исечете едно мало парче алуминиумска фолија, ставете малку масло и наросете малку сол, па добро завиткајте ја целата главица лук во фолијата.




Плехот е најдобро да го обложите со хартија за печење за да не ви се лепат компирите, но доколку имате нелеплив плех, тогаш може и без хартија. Наредете ги зачинетите компирчиња и распоредете ги во еден ред, преку површината на целиот плех. Ставете го и завитканиот лук.




Ставете да се пече во загреаната рерна околу 25 минути, па проверете ги компирите и превртете ги, па вратете да се допечат уште 20-25 минути или додека убаво да заруменат. Отворете ја фолијата со печениот лук и притиснете за да излезат чешнињата.

Изгмечете ги со лажица или виљушка додека да добиете пире. На оган загрејте две лажици маргарин додека да се растопи, па додајте го пирето од лук и промешајте. На крај додајте го ситно сечканиот магдонос и промешајте за да се соедини.

За ова не е потребно многу време, доволно е една минута колку да се соединат сите вкусови. Печените компири извадете ги во посебен сад за послужување, па додека се сè уштре врели прелијте ги со сосот од лук и магдонос. Уживајте во вкусот, компирите се за десетка!