Месото е приготвено со комбинирање на традиционалнен и современ начин. Вкус кој нема да можете да го заборавите. Она што може да се забележи е брзиот начин на подготовка, без долги печења и динстања, со што соковите на месото остануваат заробени во него, па тоа е меко и сочно. Пробајте.

Потребни состојки: 8-10 шницли од свинско каре, 2 главици кромид, по потреба сол, брашно, оригано, црн пипер, малку сончогледово и маслиново масло, 3 лажици бело вино, 1 гранче рузмарин и 1 чешне лук

Постапка: Во голема тава загрејте сончогледово масло. Ставете неизлупено чешне лук и гранче свеж рузмарин. Месото зачинете го со сол и црн пипер. Извалкајте го во брашно и испржете го во врелото масло додека да добие убава златна боја.

Извадете го на кујнска салветка.

Кромидот исечете го на полумесечинки и изгмечете го со прстофат сол. Во друга тава ставете филџан маслиново масло. На дното ставете го исечениот кромид, одозгора месото и завршете со преостанатиот кромид.

Прелијте со 2-3 лажици бело вино и уште толку топла вода. Наросете со прстофат оригано или чубрица. Поклопете и динстајте го јадењето околу 15 минути на слаба до умерена температура.

Јадењето се сервира топло со салата по желба!