Тајната на ова тесто е неговата еластичност и мекост, поради која печивата излегуваат пуфкасти и меки како памук. Од ова универзално тесто може да приготвувате различни печива, какви што ќе посакате. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл млако млеко, 25 г свеж квасец, 1 супена лажица шеќер, 800 г брашно, 60 г растопен и оладен несолен путер, 100 мл густ јогурт или кисела павлака, 2 јајца отстојани на собна температура, 1 лажичка сол.




ПОСТАПКА: Пред отпочнување со подготовката на тестото, просторијата во која ќе се работи треба да биде топла и да нема провев, а сите состојки треба да бидат на истата собна температура, освен млекото кое треба малку да се загрее, да биде млако.




Во еден подлабок сад истурете го млакото млеко, па додјте го изронетиот квасец и една лажица шеќер. Промешајте ги состојките со жица-маталка додека да се растворат состојките, а потоа додајте 200 г просеано брашно.




Добро промешајте додека брашното да се впие во течноста и да нема грутчиња. Садот покријте го во проѕирна-стреч фолија и оставете да стасува на топло место 20-тина минути додека квасецот се активира и убаво запени.




За тоа време растопете го путерот на многу тивка температура, само внимавајте да не ви зоврие, или најдобро тоа сторете го на пареа или во микробранова печка. Потоа оставете да се подизлади. Кога ќе се додава во квасецот треба да биде млак или на собна температура.




После 20-тина минути во стасаниот квасец додајте го растопениот путер, јогуртот или киселата павлака (на собна температура), двете јајца исто така отстојани на собна температура и солта. Добро промешајте додека да се изедначат состојките.




Потоа започнете постепено да го додавате остатокот од брашното. На почетокот мешајте со лажица или шпатула, а потоа работете со рака. Неопходно е тестото да се додава постепено, на неколку наврати, бидејќи различни теста-различно впиваат. на крај треба да добиете меко тесто кое не се лепи премногу на рака.




Повторно покријте го во садот со стреч-проѕирна фолија и оставете го на топло место да ферментира околу 20-тина минути. Потоа премесете го врз набрашнета подлога и користете го според потребите. Може да го печете веднаш, а може да стои во фрижидер и до неколку денови.




Ако го користите за пица на пример, и не ви е потребно целото тесто, тогаш поделете го на топки со соодветна големина, малку намастете ги и оставете ги во фрижидер покриени со фолија до следниот ден, односно до следната употреба. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.