Овие лепчиња се многу вкусни и меки како памук, па доколку сте љубител на домашните печива, запишете си го овој рецепт и пригответе го. Под пишаниот рецепт можете да ја погледнете видео презентацијата на Станислава Маниќ, а рецептот го испроба и го направи нашата драга членка Олгица Јосифоска во групата НМД рецепти.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша вода (200 мл), 1 чаша млеко (200 мл), ½ чаша масло (100 мл), 1 кесичка (10 г) сув квасец претходно растворен во малку млака вода, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 900 г брашно. За премачкување: малку масло, жолчка. За наросување: сусам и чиа семе/ленено семе, морска сол




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 1 чаша млака вода, 1 чаша млако млеко, ½ чаша масло, 10 г активиран квасец, 1 лажичка сол и 1 лажичка шеќер. Промешајте со дрвена лажица да се соединат состојките.




Потоа постепено додавајте 900 г брашно и мешајте додека да добиете мазно тесто. Тестото убаво измесете го на набрашнета работна површина, формирајте го во топка и оставете го во намастен сад да стасува додека да го удвои волуменот.




Тестото двапати стасува, што значи откако еднаш убаво ќе нарасне после 40-тина минути, лесно премесете го за да излезе вишокот водух, покријте го и оставете го уште еднаш да стаса. Потоа премесете го и поделете го на два дела.




Од секој дел формирајте топка, па на набрашнета површина со помош на оклагија развлечете кора со овална форма. Корите ставете ги една до друга во плех обложен со хартија и малку намастен со масло.




Одозгора премачкајте ги со масло. Покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги да стасуваат 20 минути. Потоа премачкајте ги со изматена жолчка, па со помош на прстите направете вдлабнувања во вид на шах или баклавички и одозгора наросете ги со семе по ваша желба.




Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути или во зависност од рерната, додека убаво да заруменат. Лепчето е меко како душа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.