Предлог видео-рецептот е на Станислава Маниќ, а рецептот го испроба и го направи нашата драга членка Олгица Јосифоска во групата НМД рецепти.

Потребни состојки: 1 шолја вода / 200 мл, 1 шолја млеко / 200 мл, ½ шолја масло / 100 мл, 10 г квасец претходно растворен во малку млака вода, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 900 г брашно. За премачкување: малку масло, жолчка. За наросување: сусам и чиа семе/ленено семе, морска сол

Постапка: Во еден подлабок сад ставете 1 шолја вода, 1 шолја млеко, ½ шолја масло, 10 г активиран квасец, 1 лажичка сол и 1 лажичка шеќер. Промешајте со дрвена лажица да се соединат состојките.

Потоа постепено додавајте 900 г брашно и мешајте додека да добиете мазно тесто. Тестото убаво измесете го на набрашнета работна површина, формирајте го во топка и оставете го во намастен сад да стасува додека да го удвои волуменот. Тестото двапати стасува.

Потоа премесете го и поделете го на два дела. Од секој дел формирајте топка, па на набрашнета површина со помош на оклагија развлечете кора со овална форма.

Корите ставете ги една до друга во плех обложен со хартија и малку намастен со масло. Одозгора премачкајте ги со масло. Покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги да стасуваат 20 минути.

Одозгора премачкајте ги со жолчка, па со помош на прстите направете вдлабнувања во вид на шах или баклавички и одозгора наросете ги со семе по ваша желба.

Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути или во зависност од рерната, додека убаво да заруменат. Лепчето е меко како душа. Видео рецептот можете да го погледнете подолу: