Катмери се турски традиционални јадења од тесто кои се карактеристични по диплењето и формирањето на питите и печивата, со конечна цел тие што повеќе да се листаат, т.е. да се гледаат што повеќе слоеви и да личи на цвет.

Можат да бидат слатки и солени, да се прават од водено или ферментирано тесто, со сирење или фстаци. На безброј начини и со разни додатоци или без нив, едноставно се вкусни и примамливи. Еве што ви е потребно за оваа катмер пита:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл млако млеко, 1 лажица сол, 1 лажица сув квасец (1 кесичка), 5 чаши брашно или по потреба, малку масло (1-2 лажици) за тестото, масло за премачкување на корите, ситно сирење или фил по желба, 1 јајце за премачкување на питата

ПОСТАПКА: Во млакото млеко растворете го квасецот и започнете постепено да го додавате брашното со малку сол. Кога ќе стане компактно, тесто залијте го со малку масло и домесете го за да се измазни. Обликувајте топка, покријте го и оставете го да ферментира половина час или колку што е потребно за да го удвои волуменот.

Стасаното тесто премесете го и поделете го на три дела. Обликувајте топки и наросувајте малку брашно ако е потребно за да не лепи. Оставете го тестото покриено да одмори 5-10 минути, па секое топче развлечете го колку можете потенко. наросувајте брашно по потреба.

Отворете една кора па премачкјате ја со масло и наросете ја со ситно сирење. Поклопете ја со втора тенка кора и повторете ја постапката. Поклопете ја со третата кора, па и неа намастете ја и филувајте ја со сирење. Сите три кори заедно една врз друга внимателно свиткајте ги во ролат, а ролатот во полжав.

Префрлете ја питата во тепсија обложена со хартија, покријте ја со кеса и оставете ја да одмори 10-тина минути. Потоа намастете ја со масло одозгора и започнете полека да ја притискате со дланката за да ја раширите според големината на тепсијата.

Во средината на питата поставете чаша или соодветен сад, па исечете ја питата со зраци, да добие изглед на цвет или сонце. Премачкјате ја со едно изматено јајце во кое сте додале малку сол и наросете ја со сусам и црн ким (по желба). Вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, па по 15-тина минути ставете ја питата да се пече додека убаво да зарумени. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.