Фотографии и рецепт на Аница Обрадовиќ Живковиќ – цвет погача. За да го приготвите тестото за оваа погача, ќе ви бидат потребни следните состојки: 1 коцка свеж квасец 200 мл млако млеко, 1 лажица шеќер и 1 лажица брашно. Понатаму, ќе ви бидат потребни уште:
200 мл јогурт на собна температура, 5 лажици масло (млако да биде маслото, малку загреано), 1 лажица јаболкова киселина, 1 рамна лажица сол, 2 цели јајца и 2 белки и околу 900 г брашно и 100 г маргарин за премачкување на кората. За премачкување одозгора 2 жолчки со 1 лажица млеко.
Постапка: Една коцка свеж квасец издробете ја во 200 мл млако млеко, додадете една лажица шеќер и една лажица брашно, па промешајте да нема грутчиња и оставете 10-тина минути на топло место да се активира квасецот. Кога ќе запени квасецот ставете го во подлабок сад.
Додадете 200 мл јогурт, 5 лажици масло, 1 лажица јаболкова киселина, 1 рамна лажица сол, 2 цели јајца и 2 белки. Малку изматете со виљушка да се изедначат состојките, па постепено додадете околу 900 г брашно. Замесете го тестото и намачкајте го со една лажица масло.
Покријте го со проѕирна фолија и крпа и оставете го покриено да стасува еден час додека да го зголеми волуменот. Растопете 100 г маргарин или путер за премачкување на кората. Работната маса наросете ја со малку брашно па истресете го брашното. Два-трипати превиткајте го тестото.
Потоа обликувајте го во долга ролна, па поделете го на 16 еднакви делови. Обликувајте топчиња, ставете ги на правоаголник наросен со брашно. Покријте ги со проѕирна фолија и оставете ги да отстојат 10 минути. Земете едно топче и развлечете го во кора со дебелина од 4-5 мм.
Исечете како на фотографијата. Оној дел што не е исечен премачкајте го со растопен маргарин. Свиткајте во полукруг и ќе добиете како лампион. Калап бр.32 обложете го со хартија, па наредете ги “лампионите” покрај ивицата на калапот. Истото повторете и со осумте топчиња.
Земете 4 топчиња, развлечете ги во кора со иста дебелина, па премачкјате со растопен маргарин и редете ги една врз друга. Четвртата не ја премачкувајте. Работаната површина малку наросете ја со брашно, па уште малку развлечее ја кората. Исечете на 8 триаголници.
Поширокиот дел малку потсоберете го за да добие облик на ливче-латица. Редете ги помеѓу две “лампиончиња”. На овој начин повторете и со преостанатите 4 топчиња. Редете ги помеѓу латиците (види фото). Со дрвце за ражнич, во средината на секое ливче притиснете за да се означи линија.
Покријте со проѕирна фолија и оставете да стасува додека се загрева рерната на 180 степени. Одозгора премачкјате со изматени 2 жолчки и 1 лажица млеко, наросете со семки од тиква, црн ким, сусам и малку ленено семе. Ставете да се пече во загреаната рерна околу 50 минути. На половина од печењето ставете одозгора хартија или фолија за да не изгори. Печената погача премачкјате ја со остатокот од растоениот путер.