Оној кој еднаш ќе го проба ова јадење, ќе го прави секоја година: Цепкана пиперка. Стар добар рецепт, задолжителен дел од зимницата, обемно и превкусно… „Салата“ од пиперки која мора да си ја приготвите. Ќе ви откриеме 3 рецепти со 5, 7 и 30 кг пиперки, во зависност од количината која сакате да ја приготвувате.




Првиот рецепт од Виолета се приготвува со 7 кг пиперки и за овој рецепт имате видео презентација најдолу на линкот, а другите два рецепти се исто така проверени и одлични, од тефтерите на нашите баби.

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 7 кг црвени пиперки, 2 супени лажици оцет, 1,5 супена лажица сол, 1 главица лук, 1 китка свеж магдонос. ПОСТАПКА: пиперките измијте ги и избришете ги со кујнска крпа, па наредете ги во плех обложен со хартија за печење и испечете ги на највисока температура (или со врел воздух) од двете страни.




Потоа соберете ги во двојна кеса, затворете ги и оставете ги еден час да се оладат, па излупете ги, исчистете ги од семето и оставете ги да се исцедат околу еден час, а потоа исцепкајте ги на тенки и долги ленти и започнете со пржење.




Во широко и длабоко тенџере загрејте 150 мл масло на умерена температура и додајте ги пиперките. Пржете ги со повремено мешање (со лажицата црпнувајте од долу-нагоре) околу 25 минути.

Потоа посолете по вкус, па мешајте уште 5-10 минути. Додајте оцет, сечкан лук и магдонос и динстајте уште 5-10 минути. Полнете ги теглите, затворете ги и направете пастеризација. Видеото со деталите погледнете го најдолу под текстот.




РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 20 кг црвени пиперки, 500 кг лути црвени пиперки, 1 ½ чаша масло, сол по вкус и 1 рамна лажица есенција. ПОСТАПКА: Пиперките убаво измијте ги и избришете ги со кујнска крпа. Испечете ги, излупете ги и исчистете ги од семето.

Оставете ги да се цедат до следниот ден. Исцедените пиперки кинете ги надолжно на тенки ленти. Можете и да ги сечете со остар нож на даска, како ви е полесно, но „цепканите” пиперки „по правило“ треба да се цепкаат…




Во поголемо тенџере на оган ставете масло да се загрее (не мора целото одеднаш, остатокот ќе го додадете после), па додајте ги пиперките и намалете го огнот на умерено. Пржете ги пиперките со постојано мешање околу еден час, додека да испари течноста. На половина од готвењето ставете сол по вкус, а пред самиот крај есенција.




Теглите загрејте ги, па полнете ги со цепканите пиперки. Затворете добро и превртувајте ги теглите. Оставете така да изладат. Од оваа количина пиперки секогаш ми излегуваат 9 тегли од по 1 кг.

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 кг црвени пиперки, сол по вкус, 1 кафена лажичка шеќер, 1 поголема китка свеж магдонос, 2-3 главици лук и 250 мл масло. ПОСТАПКА: Пиперките измијте ги, испечете ги, излупете ги и отстранете им ги семките. Оставете ги да се исцедат, најдобро преку ноќ.




Исечете ги на ленти со дебелина од еден прст. Во тенџере ставете малку масло, па кога ќе се загрее додајте ги пиперките. Додајте го преостанатото масло. Гответе додека течноста да испари. Посолете по вкус.




Потоа додајте шеќер, ситно сечкан магдонос и лук, па кратко динстјте и промешајте. Стаклените тегли загрејте ги во рерна на 100 степени, па топлите пиперки полнете ги во топли тегли. Затворете со топол капак. Теглите завиткајте ги и оставете ги така да изладат. Деталите од постапката (првиот рецепт) погледнете ги ОВДЕ.