Баба ми ме научи како да го конзервирам месото, но и другата храна, и да ги чувам цела година вон фрижидер, што значи голема заштеда во струја. Рецептот е многу едноставен, а злато вреди. Месото се чува во тегла исто како и другата зимница која се приготвува наесен.




Може да го спремите во било кој период од годината, односно кога за тоа ќе имате време и материјал, а после цела година имате зготвено, конзервирано месо и готов ручек од тегла. Можете да го конзервирате само месото, но можете и да го искомбинирате и со зеленчук, па да добиете различни вкусни јадења за целата година.




Рокот на вака приготвеното месо не е точно познат, бидејќи секогаш се изедува за само неколку месеци, но доколку се пронајде некоја случајно заостаната тегла и после една или две години, месото има вкус како тукушто да сте го зготвиле. Единствено што е потребно е да се чува на константна температура, на темно, најдобро во подрум.




Вака зготвената храна освен што е повкусна од класичното приготвување, зашто состојките се готват во сопствените вкусови, туку, исто така, е одлична постапка за кога треба да понесите храна кога одите на излет или на одмор, или пак, кога немате доволно време за готвење од презафатеност со други обврски. Еве што ви е потребно според рецептот на Тања:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг месо (од свинска плешка, но може да се употреби било какво месо), 2 големи главици кромид, 3 поголеми моркови, 3 големи компири. Зачини: 2 мали лажички сол, 1 полна мала лажичка сув зеленчуков зачин (вегета), половина лажичка мелен црн пипер, 2 полни мали лажички црвен пипер во прав. Во секоја тегла: 2 лажички бел оцет 9%




ПОСТАПКА: Месото исечете го на крупни коцки или по ваша желба. Кромидот исчистете го, па исечете го на полумесечинки. Морковите излупете ги и исечете ги на тенки тркалца со големина од 2-3 мм. Компирите излупете ги, добро измијте ги и исечете ги на коцки со големина на залак.




Во месото додајте две лажички сол, една лажичка мешан зачин (вегета), малку црн пипер, две лажички црвена зачинска пиперка во прав, па сето добро измешајте го за да се распоредат зачините рамномерно (најдобро со рака). Теглите што ќе ги употребите за конзервирање на храната, потребно е претходно да ги стерилизирате во рерна, 15 минути на 100 степени.




Потоа започнете со полнење на теглите, односно со наизменично редење на месото и зеленчукот. На дното од секоја тегла најпрво ставете по една рака кромид, а потоа и месо. Додека редите малку притискајте за да се распоредат состојките во теглата и да нема празни простори.




Врз месото ставете морков, па повторно месо, па компир, и на крај завршете со месо. Теглата не ја преполнувате до врв, оставете два прста простор под капакот. Во секоја тегла ставете по две мали лажички бел оцет за јадење 9%, а потоа натопете салфетка во оцетот и пребришете ја секоја тегла при врвот, да нема остатоци од храната.




Во теглите не се става дополнителна течност, бидејќи месото ќе си испушти свои сокови. Теглите затворете ги со чисти и нови капаци. Во големо и широко тенџере на дното ставете кујнска памучна крпа, па наредете ги внатре теглите.

Сипајте вода до врв на теглите (1-2 см под капаците). Тенџерето ставете го на оган, поклопете го, па откако ќе зоврие намалете ја температурата и варете 3 часа. Потоа извадете ги и оставете ги да се оладат, па чувајте ги на темно и ладно место. Деталите погледнете ги ОВДЕ.