Палачинките се омилен десерт на многумина од нас. Лесно се подготвуваат, а вкусот е незаменлив. Сепак, колку и да ги правиме и колку лесно и да се подготвуваат, може да се случи тестото да не излезе како што треба.
Кулинарски експерти советуваат дека е доволен само еден мал чекор за вашите палачинки секогаш да имаат совршен вкус. Обично, кога ќе ја измешаме смесата за палачинки, секогаш ставаме цели јајца. Можеби звучи неверојатно, но тука е грешката.
Треба да ги одделите белките од жолчките. Ставете го брашното во сад, додајте ги жолчките, млекото и водата. Потоа додајте го шеќерот и добро промешајте. Изматете ги белките одделно и додајте ги во претходно направената смеса. Ако подготвите палачинки на овој начин, со сигурност ќе имаат совршен вкус дури и кога ќе се изладат.
Не заборавајте на крајот да ја додадете газираната вода, бидејќи таа заедно со јајцата е тајната состојка за палачинките да бидат меки и мазни на текстура.
Прочитајте ја и следната статија: За секоја состојка во палачинките постои замена, само треба да знаете која
Иако вообичаените состојки од кои правите палачинки се здрави и не толку калорични, сепак некои луѓе мораат да ги избегнуваат од здравствени причини. За среќа, кулинарски експерти пронајдоа соодветна замена за сите состојки во палачинките специјални за оние кои пазат на својата исхрана.
Јајца, млеко и брашно – ова се главните 3 состојки без кои не можат да се направат палачинки. Но, експертите велат сосем нешто друго. Ако сте алергични на јајца, нетолерантни на лактоза или нетолерантни на глутен, сепак можете да уживате во ова популарно задоволство.
За почетници – избор на брашно! Слободно заборавете на пченицата и консумирајте брашно од ориз или леќа. За да добиете ефект на благо нараснување, што го имаат обичните палачинки заради присуството на глутен, додајте малку сода бикарбона во тестото.
Не е толку лесно да се заменат јајцата, но ако ги замените со мелено чиа или ленено семе претходно измешани со вода, тестото ќе добие одредена вискозност. Оставете смесата да отстои некое време, а потоа соединете ја со останатите состојки.
Состојбата со млекото е поинаква, бидејќи имате навистина богат избор на различни пијалаци без лактоза. Може да користите млеко од соја или бадем, па дури можете да додадете и малку кокосово млеко.
Не се откажувајте по првиот обид. Трикот е да ја откриете вашата најдобра мешавина од заменливи состојки, а за да ги направите вашите специјални палачинки уште повкусни, можете да додадете некој добар зачин во тестото. Ќе се изненадите колку ќе бидат подобри од обичните дури и кога ќе ги испржите ако претходно додадете малку цимет, ванилин шеќер, рум или рендана кора од лимон.
Рецепт за брашно од леќа во домашни услови
Ова е рецепт за кој сигурно не сте чуле. Леќата се користи во Индија за правење брашно, но тоа не ни е чудно: леќата е супер здрава храна, одлично оди со солени и слатки јадења и лесно се претвора во брашно.
Леќата се состои од дури 25% протеини и е богата со растителни влакна, што ја прави здрав додаток на вашите рецепти. Леќата исто така е безглутенска храна, така што ова брашно е идеално за оние кои избегнуваат глутен.
Леќата е хранлива, лесна за готвење и совршена за подготовка на вегетаријански и вегански оброци. Овој рецепт за домашно брашно од леќа е многу едноставен: сè што ви е потребно е леќа, рерна и процесор за храна.
Потребни состојки: 3 чаши сува леќа по ваш избор (брашното најдобро се прави од црвена леќа, но супер се подготвува и од зелена леќа).
Постапка: За да направите брашно од леќа, загрејте ја рерната на 200 С. Ставете ја леќата на плех обложен со хартија за печење. Печете 10 минути и повремено промешувајте. Печете дополнителни 5 минути доколку е потребно. Леќата треба да биде целосно сува.
Ставете ја леќата во процесорот за храна и сомелете ја додека да се претвори во ситен прав. Доколку останат неколку поголеми парчиња, просејте ги низ сито. Леќата во прав е потребно да се чува во херметички затворен сад на темно и суво место.
Прочитајте ја и следната статија: Палачинките за кои цел свет полуде, иде се по 4 од состојките, што е многу интересно.
Овие палачинки се фаворитни на читателите на НМД. Многу се меки и мазни и не се нималку масни ниту гумени на вкус, а можете да ги филувате по желба, сите вкусови добро им стојат, и благи и солени. Многу е интересно што сите состојки одат по 4, така што не треба да го запишувате рецептот кој е лесен за памтење.
Потребни состојки: 4 јајца, 400 г брашно, 400 мл млеко, 400 мл газирана вода, 4 лажици масло, малку сол и 1 ванилин шеќер.
Постапка: Јајцата изматете ги со жица, па додајте половина брашно и млеко, па сето добро соединете го. Потоа додајте ја втората половина од брашното и млекото, малку сол, ванилин шеќер и масло, па соединете да нема грутчиња.
На крај додајте ја газираната вода и добро промешајте да се изедначи и стане мазна. Смесата оставете ја еден час да одмори во фрижидер. За тоа време убаво ќе се спојат состојките и подобро ќе се пече тестото, а палачинките од прва до последна ќе бидат исти по дебелина. Тавчето за палачинки намастете го со малку масло и добро загрејте го, а потоа излејте една кутлача од смесата во него.
Брзо и рамомерно разлејте на сите страни и печете неколку секунди од едната страна, па превртете и на другата страна, печете исто толку или пократко. Печените палачинки редете ги една врз друга, најгорната поклопете ја со со втората превртена на чинијата и филувајте по желба. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска