ТОРТА СО ОРЕВИ И КАФЕ: Вкус кој мора да се проба

Ако сакате вистинска торта, пред вас се наоѓа еден таков рецепт. Совршена, секогаш успешна со неодолив вкус. Иако е раскошна, се подготвува прилично едноставно. Самата торта е мека, се топи во уста, а кремот е нешто посебно. Штом еднаш ќе ја направите, ќе ја правите повторно. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕМЕН БИСКВИТ: 4 јајца, 2 прстофати сол, 140 г шеќер, 10 г ванилин шеќер (1 кесичка), 70 мл млеко, 50 мл масло, 120 г брашно тип 550, 10 г прашок за печиво (1 кесичка), 20 г кафе




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СВЕТОЛ БИСКВИТ: 4 белки, 2 прстофати сол, 190 г шеќер, 200 г мелени ореви. ЗА КРЕМ: 2 лажици инстант кафе, 120 мл врела вода, 4 жолчки, 180 г шеќер, 2 лажици густин, 250 г путер, 150 мл слатка павлака за шлаг. И УШТЕ: 3 лажички инстант кафе + 200 мл врела вода, 120 г крупно мелени и цели јатки ореви




ПОСТАПКА: Во посебни садови одделете ги белките и жолчките од четири јајца кои претходно отстојале на собна температура. Во белките додајте два прстофати сол и со миксер изматете ги пенасто. Постепено додавајте 140 г шеќер и матете додека тој се растопи и да добиете цврст, сјаен снег.




Потоа започнете да ги додавате една по една, четирите жолчки. Откако ќе се измати едната жолчка и ќе се инкорпорира во снегот од белки, тогаш додајте ја следната жолчка. Матете една минута додека убаво да се изедначи кремот. Пред крај додајте една кесичка ванилин шеќер.




Во кремот од јајца и шеќер започнете постепено да го додавате млекото (70 мл) во тенок млаз додека непрекинато матите со миксерот. А, потоа на ист начин додајте и 50 мл масло.




Во смесата додајте 120 г просеано сенаменско брашно, една кесичка прашок за печиво и 20 г кафе во прав. Овојпат не мешате со миксер, туку со лажица или шпатула. Добиената смеса излејте ја во калап за торти со флексибилен обрач 36 см, претходно обложен со хартија за печење.




Смесата израмнете ја и потчукнете го калапот неколкупати за да излезат воздушните меурчиња, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170-180 степени околу 25-30 минути (проверете со чепкалка. Извадете го обрачот, па оставете да се олади и потоа внимателно пресечете хоризонтално две еднакви кори.




ЗА СВЕТЛИОТ БИСКВИТ: Одвојте ги белките од четири јајца и пенасто изматете ги со два прстофати сол. Откако ќе се формира снегот започнете постепено да додавате 190 г шеќер. Матете додека тој да се растопи околу 2-3 минути. Во цврстиот снег од белки додајте 200 г мелени ореви и промешајте со лажица додека да се изедначи. Внимавајте смесата да остане воздушеста.




Во истиот калап 36 см обложен со хартија за печење, распоредете ја смесата, израмнете и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 170-180 степени околу 12-15 минути. Печената кора извадете ја од калапот и оставете ја да се лади.

ЗА КРЕМ: Во еден сад ставете 2 лажици инстант кафе и залијте со 120 мл врела вода. Промешајте. Во посебен сад пенасто изматете четири жолчки со 180 г шеќер. Матете околу 2 минути додека шеќерот да се растопи, а жолчките да побелат. Потоа додајте две супени лажици од раствореното кафе. Матете уште неколку секунди додека да се изедначи.




Во кремот додајте 2 лажици густин/скроб/нишесте и остатокот од кафето. Повторно изматете со миксерот додека да се изедначи. Потоа смесата ставете ја на тивок оган и гответе со непрекинато мешање околу 5 минути. Оставете на страна да се олади. Во посебен сад пенасто изматете 250 г путер омекнат на собна температура, околу 2-3 минути.

Во изматениот путер започнете постепено да го додавате изладениот крем од жолчки и кафе кој е полутечен. Во посебен сад пенасто изматете 150 мл течна павлака за шлаг. Оставете 10 минути во фрижидер, а потоа започнете постепено да го додавате шлагот во изматениот путер. Убаво соединете го.

ЗА ПРЕЛЕВАЊЕ НА КОРИТЕ: 3 лажички инстант кафе прелијте со 200 мл врела вода и оставете малку да подизлади. Подгответе ја десертната чинија на која ќе ја редите тортата и подметнете парчиња хартија кои подоцна ќе можете лесно да ги извадите.

РЕДЕЊЕ: Темна кора (натопете ја со малку кафе) – третина од кремот – светла кора – третина од кремот – темна кора (натопете ја со малку кафе) – третина од кремот. Обложете ја целата торта со остатокот од кремот и декорирајте ја со ореви. Пред послужување добро изладете ја. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Претходна статијаПРИРОДЕН РЕЦЕПТ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА БЕЛИТЕ ДРОБОВИ: Направете сами масло од оригано
Следна статијаБРЗО СЕ ПРАВАТ И ПРЕВКУСНИ СЕ: 7 вида брзи колачи од една смеса