Оваа торта со една кора е толку едноставна и вкусна што ќе посакате веднаш да направите уште една, двојно поголема. Верувајте многу е лесна за подготовка, а ова е поразличен рецепт од оригиналот – Санела.




Потребни состојки: 7 белки од јајца со средна големина (230 г), 230 г шеќер, 1 лажица сок од лимон. За кремот: 700 мл млеко, 7 жолчки, 150 г шеќер, малку екстракт од ванила, 4 лажици брашно (45 г), 4 лажици густин (35 г), 200 г омекнат путер (не целосно растопен), 150 г ситно сечкани или мелени ореви, 100 г стопено и разладено чоколадо. За декорација: 1 ќесичка шлаг и 200 мл млеко.




Постапка: во поголем сад ставете ги белките и пенасто изматете ги со миксер, со постепено додавање шеќерот. Потребно е да изматите доста цврст снег додека шеќерот да се растопи, приближно 7 – 10 минути непрекинато матење со миксерот.




Подготвениот снег од белки распоредете го во плех со димензии 33×24 цм или приближно, претходно обложен со хартија за печење, а потоа добро израмнете. Со помош на виљушка направете плитки шари низ површината на кората.




На овој начин топлината ќе се распореди подеднакво, и кремот подобро ќе навлезе во печената кора и нема да „лизга“. Претходно загрејте ја рерната на 150 степени, а пред да го ставите снегот од белки, температурата намалете ја на 100 степени, па печете околу 45 минути до 1 час.




Плехот ставете го на најдолната решетка, но не на дното. По печењето, треба да фати убава коричка. Извадете ја кората од тепсијата и оставете малку да излади. Доволно е неколку минути да остане на собна температура, а потоа ставете ја во фрижидер за да не ја апсорбира влагата од воздухот.




За подготовка на кремот: можеби најдобро би било кога најпрво би го направиле кремот, а дури потоа да почнете со кората, бидејќи кремот се лади поспоро. Во еден сад изматете ги жолчките и додајте малку млеко, па промешајте со рачна маталка.




Додајте го брашното, густинот и измешајте да нема грутки, па додајте уште малку млеко за да се разреди смесата. Оставете да отстои настрана, а преостанатото млеко и шеќерот ставете ги во тенџере.




Додајте го и ванилиниот шеќер, па ставете на рингла да се загрее. Млекото не мора да зоврие, важно е да биде топло, па додајте ја смесата со изматените жолчки. Гответе со постепено мешање на средна температура до посакуваната густина.

Кремот штом зоврие, многу брзо ќе се згусне, па тргнете го од рингла и прелијте го во некој друг сад, а одозгора прекријте со проѕирна фолија за да не се направи коричка и оставете го целосно да излади.




Откако целосно ќе се олади, во кремот додајте го омекнатиот путер и матете со миксер. Потоа преминете со мешање со рачна маталка, па кремот поделете го на два еднакви делови или на еден поголем дел (две третини) и еден помал дел (една третина). Во поголемиот дел додајте мелени ореви, а во помалиот – чоколадо.




Во едниот дел додајте го растопеното и изладено чоколадо, изматете и оставете да отстои настрана. Во другиот дел додајте ги мелените ореви и добро соединете. На крајот останува да ја филувате тортата. Прво тортата премачкајте ја со кремот од ореви. Распоредете подеднакво и израмнете, а потоа нанесете го кремот со чоколадо. Ставете да отстои во фрижидер најмалку 3 часа додека убаво да се стегне.

По изминатото време, почекајте да отстои 10 минути на собна температура пред декорирање. По желба, направете пенаст крем шлаг и ставете го одозгора, и наросете чоколадни трошки или нешто друго по ваша желба. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.