Рецепт и видео прилог на Мои Домашни Рецепти: Торта Бел Египет

Многу вкусна торта позната по својот нежен, кремаст вкус и декоративен изглед. Секој залак се топи во уста…

Потребни состојки: 10 белки од јајца, 10 супени лажици шеќер, 100 г мелени лешници, 3 супени лажици брашно (плех 35х40 см, се пече на 200 степени, 15 минути)

За крем 1: 10 жолчки, 5 лажици шеќер, 16 г ванилин шеќер (2 кесички), 5 лажици нишесте (густин/скроб), 500 мл млеко, 50 г путер, 100 г бело чоколадо, 200 мл слатка павлака

За крем 2: 300 мл слатка павлака (хопла), 3 лажици шеќер во прав, 250 г крем сирење (филаделфија, маскарпоне или слично), 100 г мелени лешници

Постапка: Во длабок сад за матење ставете ги белките со 10 лажици шеќер и матете ги со миксер додека шеќерот да се растопи и добиете цврст и сјаен снег (околу 10 минути). Додадете 100 г мелени лешници и 3 супени лажици брашно. Промешајте со жица или шпатула внимателно, да се задржи пенливата структура на смесата.

Рамномерно распоредете во плех (35х40 см) обложен со хартија и печете во загреана рерна на 200 степени, 15 минути. Печената кора извадете ја од плехот и оставете ја да се олади, а за тоа време пригответе го првиот фил.

Во тенџере ставете 10 жолчки, 5 лажици шеќер, 2 кесички ванилин шеќер и 5 супени лажици густин. Соединете убаво со маталка да нема грутчиња, па додадете 500 мл млеко. Промешајте и ставете на оган. Сварете го кремот на послаб оган со постојано мешање додека да згусне.

Тргнете го на страна и додека е топол кремот додадете 50 г путер и 100 г бело чоколадо искршено на коцки и промешајте за да се соедини. Кремот покријте го со најлон и оставете го половина час да се олади во фрижидер.

За вториот крем: Во сад за матење ставете 300 мл слатка павлака и изматете ја 5 минути додека да добиете шлаг. Додадете 3 лажици шеќер во прав и 250 г крем сирење. Во овој крем додадете 100 г мелени лешници и промешајте со лажица или шпатула.

Првиот крем извадете го од фрижидер и во него додадете 200 мл течна слатка павлака, па со миксер изматете да се соедини со кремот. Матете 2 минути, за да се добие убава мазна структура.

Печената кора пресечете ја на два дела, па започнете со филувањето: кора – ½ од првиот крем – ½ од вториот крем – кора – ½ од првиот крем – ½ од вториот крем – лешници за украсување одозгора. Тортата оставете ја најмалку 3 часа во фрижидер убаво да се стегне и излади. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.