Рецептот е многу едноставен, само потребно ви е маскарпоне сирење и ликер од бадем, кои на овој десерт му даваат специфичен вкус.

Оригиналниот рецепт се послужува во чаша, но вие можете смесата да ја спакувате во било каква форма. Овојпат јас се одлучив за куглоф.

Потребни состојки: 5 жолчки, 150 г шеќер во прав, 500 г маскарпоне (или домашно крем сирење), 30 мл амарето – ликер од бадеми, а може и рум, 1 филџан кафе, 1 пакување пишкоти, 2 лажици какао за наросување

Постапка: Жолчките добро изматете ги со шеќерот додека да станат пенасти, потоа продолжете уште неколку минути да ги матите на пареа додека да се зготват и да се згуснат убаво.

Оставете ги да изладат, па додајте го маскарпонето (или друго свежо крем сирење по ваш избор) и со жица убаво соединете ја смесата. Пишкотите натопувајте ги во мешавина од кафе и амарето.

Се реди еден ред пишкоти, па ред крем, ред пишкоти, ред крем…или кој како сака. Ако правите правоаголна форма, може најпрво да го обложите калапот со пишкоти, на дното и странично, па да го истурите кремот.

Пишкотите можете да ги редите во два слоја или да ги набоцкате вертикално. Истото важи и доколку послужувате во чаши. Ако правите куглоф, тогаш обложете го со проѕирна фолија и пред послужување добро изладете го. Одозгора се наросува со какао во прав.

Сoolinarika.сom