Раскошен, мек омлет како пуфка е сон на секоја домаќинка која се труди да го израдува своето семејство, не само со вкусен и здрав, туку и со прекрасен, декоративен појадок. Сепак, не секогаш омлетот излегува онаков каков што очекуваме, некогаш е премногу масен или на делови премногу испржен, а на некои делови недозготвен.




Има безброј начини како да се приготви омлетот и колку и да се чини дека ова е најлесното јадење што секој може да го направи за помалку од минута, сепак постојат некои трикови доколку сакате да добиете ефектно јадење.




Некој можеби ќе ве советува да додадете малку брашно во омлетот за да се добие на конзистентност и форма, меѓутоа тоа повеќе ќе биде „јоркширски пудинг“, а не омлет. Некој друг можеби ќе ве советува да додадете малку сода бикарбона.




На овој начин ќе добиете сунѓерест омлет со ситни дупчиња во него, но јас не го сакам вкусот на содата кој малку се чyвствува. Можеби подобра идеја е да се додаде газирана вода за добивање на „порозен“ ефект. Но, овојпат јас ќе ви покажам како да го приготвите најдобриот омлет, мек како пуфка.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за омлет кој се пече во рерна): 6 јајца, 300 мл млеко, сол по вкус, путер за намастување на помал огноотпорен сад. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за омлет кој се пече во тиган): 4-5 јајца, сол по вкус, 150 мл млеко, масло или путер




ПОСТАПКА: Дали ќе го печете омлетот во рерна или во тава на рингла, повеќе зависи од времето со кое располагате. Постапката за приготвување е иста и во двата случаи, единствено се разликува начинот на печење.




Најпрво изматете ги јајцата во подлабок сад, зачинете ги по вкус, па додајте го млекото и матете доволно долго со маталка или виљушка додека да се изедначи смесата. Помал огноотпорен сад намастете го со путер, излејте ја во него приготвената смеса.




Потоа ставете да се пече во загрена рерна на 180 степени додека да зарумени на горната површина. Времетраењето е околу половина час, но може да варира од рерна до рерна.

АКО ПЕЧЕТЕ НА РИНГЛА: Во нелеплива тава ставете масло, излејте ја смесата и ставете да се пече на средно-јак оган доколку печете на плин, или ринглата претходно загрејте ја.




Поклопете со капак. После две минути намалете на умренео-тивок оган и печете уште пет минути. Потоа исклучете и оставете омлетот да се доготви во топлата тава уште 10 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.