Брзиот начин на живеење и неадекватната исхрана, минималната физичка активност и негрижата за сопственото здравје кое резултира со вишок килограми, станаа наше секојдневие.
И покрај развојот на технологијата и значителното олеснување на голем број од обврските, со што луѓето имаат вишок време за себе, сепак се чини како тие сè повеќе да се оддалечуваат од здравиот начин на живеење.
Анета Николовска е познато име за многумина кои порано имале проблем со телесната тежина, а на кои таа им помогнала. За неа може да се каже дека е нутриционист кој Македонија ја има „олеснето“ за тони и тони, а сите кои ги послушале нејзините совети и го примениле нејзиниот начин на исхрана, велат дека никогаш не гладувале, а сепак постигнале резултати и сега се послаби.
Анета Николовска е дипломиран нутриционист која има големо искуство и брои огромен број задоволни клиенти кои со нејзина помош успеале да дојдат до нивното совршено тело. За НМД.мк таа одговори на неколку најчесто поставувани прашања од читателите на овој портал:
-Со вашето повеќегодишно искуство, се имате среќавано со разни профили и карактери на луѓе. Што е она најтешкото што би го издвоиле, кога станува збор за работа со луѓе?
„Има едно општо познато мислење дека најтешка е работата со луѓе. Но, јас ќе почнам од убавата страна на работењето со луѓето и би рекла дека работењето кое придонесува за благосостојбата, среќата и здравјето на луѓето е благородно и во никој случај не може да биде тешко.
На моменти може да биде напорно, но кога пред себе ја имате крајната цел тогаш примарно е задоволството. Од друга страна, на работата со луѓе може да се гледа и како на животен предизвик.
Среќавањето со различни луѓе со потполно различни особини значи да учите различни карактери, стекнувате мудрост како да пристапите кон тие карактери и секако учите од самите луѓе, учите полесно и побрзо да препознавате што е она што луѓето го сакаат и како реагираат.
Тоа што она што мене најтешко ми паѓа при работењето, се моментите кога некој од нив не се истрајни и се откажуваат на половина пат“, вели Анета Николовска за НМД.мк
-Каков е вашиот коментар за разно-разните диети кои се пласираат на интернет порталите? Дали и каков резултат може да дадат тие?
„Да се држи „диета” не значи да се јаде малку како што многумина мислат, туку да се јаде умерено и балансирано со правилен избор на комбинации во оброците. Луѓето се во постојана потрага на инстант решенија за намалување на телесната тежина почнувајќи од разни прашоци, чаеви, таблети, инстант редукциони диети и.т.н.
Малкумина од нив знаат како, а уште помалку знаат која од безбројните диети е најдобра за нив. Добар дел од овие диети даваат краткорочни резултати и појава на т.н јо-јо ефект.
Сметам дека пред да се одбере било која диета треба да се побара помош од стручно лице – нутриционист. Отсекогаш сум била застапник на индивидуален пристап при подготвување на исхрана. Не постои универзална диета.
За правилно функционирање на еден организам треба да се задоволат вкупните дневни енергетски потреби кои се различни кај секој поединец, односно се индивидуални. Секој човек е посебна индивидуа. Исхраната е индивидуална и зависи од полот, возраста, здравствената состојба, начинот на живот, физичката активност, слободното време и.т.н.
Само со индивидуален пристап изработениот режим на исхрана може да има бенефит за оној за кого е наменета. Значи не станува збор за краткотраен режим на исхрана од времен карактер, туку долгорочна стратегија за промена на начинот на исхрана, односно целокупниот стил на живот.“
-Во денешно време повеќето луѓе го поминуваат надвор од дома и немаат време за готвење. Дали е возможно тие да го усогласат темпото и сепак здраво да се хранат?
„Апсолутно сметам дека сè што се сака се може. Така што, ако вие се предодредите дека ќе ги исфрлите од вашето дневно мени штетните намирници и ќе консумирате исклучиво она што е здраво и корисно за организмот, сеедно е дали ќе јадете дома, на работа или во ресторан.
Потребна е само промена на изборот на храна кој го правите. Така што, сметам дека темпото на живот нема врска со можноста или неможноста да се храните здраво.“
-Денес сме сведоци дека децата за разлика од порано, имаат сериозни проблеми со вишок килограми и слаба физичка активност. Од која возраст сметате дека нивните родители треба да се обратат за помош?
„Најважно е родителите да сфатат дека прво нешто е превенцијата, односно посветеност и грижа за исхраната на децата уште од месеците кога тие почнуваат со цврста храна, да стекнат здрави навики и да се научат на правилна исхрана, односно да се запознаат исклучиво со намирниците кои се неопходни за нивниот здрав раст и развој.
Што се однесува до физичката активност, како што и педијатрите советуваат, децата треба да се активни надвор уште од нивното проодување. Конкретната физичка активност во смисла на конкретен спорт се препорачува после 7 година, но дотогаш да се практикуваат вежби за развој на фината моторика и координација рака- нога.
Мојата препорака е родителтите да се стремат кон тоа да не се дојде до потребата од помош. Но, ако веќе се најдат во таква ситуација секогаш е време да се побара помош, не треба да се чека воопшто.“
-Што би ги советувале сите оние кои имаат вишок килограми, но никако не можат да се одлучат да го направат првиот чекор и нешто да преземат околу тоа?
„Прво и основно е да го освестат моментот дека имаат проблем со угоеност односно прекумерна телесна тежина, а потоа клучното е да донесат одлука дека сакаат нешто да променат кај себе.
Откако овие две нешта ќе им бидат цел која ќе си ја постават пред себе, потребно е да се обратат за консултации и помош кај стручни лица кои можат да им помогнат во реализацијата и да ги водат низ процесот.
Вишокот килограми не се само естетски проблем, тие се и еден од клучните фактори на ризик за појава и развој на повеќето хронично незаразни болести како што се кардиоваскуларните заболувања, дијабет тип 2 и др. Така што мислам дека здравјето треба да им биде најголем мотив за да преземат нешто во врска со регулација на телесната тежина.
И за крај, секогаш да се има на ум дека разновидна и балансирана исхрана, добра хидратација и редовна физичка активност се клучот за подобро здравје. Никој не може да превземе поголема грижа за вашето здравје од вие самите“, заклучува нашата соговорничка.
И.П. НМД.мк