ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно, 250 мл топло/млако млеко и се додава уште малку млака вода по потреба (приближно една чаша), 1 супена лажица шеќер, 1 коцка свеж квасец (40 г) или 1 кесичка сув квасец (10 г), 100 мл растително масло, 1 мала лажичка сол, 2 јајца на собна температура (едната жолчка за премачкување), 250-200 г путер




ПОСТАПКА: Просејте го брашното по поголем сад каде што ќе го замесувате тестото и промешајте го со една лажичка сол. Млекото ставете го на оган малку да се загрее, но не смее да биде врело. Во него растворете една лажица шеќер и квасецот, а после 10-тина минути, кога ќе запени, додајте ги во брашното.




Потоа додајте го маслото и едно цело јајце и една белка претходно отстојани на собна температура, а жолчката тргнете ја настрана за премачкување на погачата. По потреба додавајте млака вода и мешајте со дрвена лажица додека брашното да ја впие течноста и да се оформи комапктно тесто.




Потоа замесете со рака. Месете 5-10 минути или онолку колку што е потребно за да почне да одвојува од ѕидовите на садот, да не се лепи на рака, да стане еластично и мазно. Ако ви е полесно, изработете го на работна површина. По конзистенција е средно меко. Обликувајте топка, вратете го во садот, намастете го и покријте го со проѕирна-стреч фолија.




Оставете го на топло да ферментира 45 минути или додека убаво да го удвои својот волумен. Стасаното тесто без да го премесувате, истресете го на набрашнета површина и едноставно со два-три потези отворете го и свиткајте го во ролат, а потоа поделете го на пет делови. Секој дел обликувајте го во топка и покријте го со кеса за да не се суши.




Земете го првото топче и развлечете го со големина на плитка чинија. Одозгора изрендајте путер, па преклопете со нова кора. Постапката повторете ја и наредете ги сите пет кори, а помеѓу нив ставајте рендан путер. Кога ќе ја ставите последната кора малку со рацете и дланките притиснете и развлечете за „питата“ од кори да стане поголема.




Потоа продолжете и со оклагија. Кога ќе добиете доволно голема кора, исечете прстен со широчина од 3-4 прсти, па кругот што ќе остане исечете го на 8 триаголници. Свиткајте ги во кифли, а потоа секоја кифла пресечете ја на средина, да добиете по два „корнети“. Тепсија или калап за торти со флексибилен обрач обложете го со хартија за печење на дното и страните или убаво намастете го со путер.




„Корнетите“ наредете ги кружно со пресечената страна допрена до ѕидот на обрачот. Од „прстенот-лента“ сечете парчиња со должина од 15-тина см, виткајте ги во „корнети“ и редете ги во празниот простор во средината на погачата, да добиете изглед на цвет. Премачкјате ја со мешавина од жолчка и една лажица млеко, а одозгора наросете сусам, ким или семки по желба.




Покријте ја и оставете ја да одмори 15-20 минути или додека да го зголеми малку волуменот, а за тоа време вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени. Ставете да се пече во врела рерна приближно 35 минути, а доколку прерано зарумени, одозгора покријте со фолија. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.