Ова е една од најубавите посни погачи, а воедно, една од наједноставните. Сигурно ќе сакате да си го запишете рецептот за оваа прекрасна погача која освен за посни слави и празници ќе ја правите и преку целата година без некој посебен повод, толку многу е вкусна и мека. Не се користи многу маргарин, а сепак целата се разлистува на тенки слоеви, меки како душа. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 мл топла вода, 1 супена лажица шеќер, 1 коцка свеж квасец (40 г) или 1 кесичка сув квасец (8-10 г), 1.5 супена лажица сол, 100 мл масло за готвење, 1 кг меко брашно и уште малку за размесување и развлекување, 150 г маргарин (не го потрошив сиот). За премачкување: 2 супени лажици посен мајонез, 2 супени лажици растопен маргарин (искористете од оние 150 г)




ПОСТАПКА: во помал сад изронете 40 г свеж квасец или 8-10 г сув квасец. Додајте една супена лажица шеќер и една чаша (200 мл) топла вода (да не е врела, туку млака). Сето добро промешајте го за да се растворат состојките и оставете на топло место 10-тина минути за да се активира квасецот.




Во длабок сад за месење сипете 500-600 г брашно, додајте една ипол супена лажица сол и промешајте. Во средината направете вдлабнување како бунарче и тука сипете 400 мл топла вода и 70 мл масло. Полека промешајте, па додајте го активираниот квасе. Продолжете со мешање додека сето да се изедначи.




Постепено додавајте уште брашно и продолжете со мешањето. Кога тестото ќе стане покомпактно и не може веќе да се меша со лажица, сипете уште малку брашно и замесете со рака. Потрошивме вкупно 1 кг брашно. Месете сè додека да се впие сето брашно од садот (средно меко) и кога повеќе ќе нема брашно на дното од садот, тестото прелијте го со 30 мл масло.




Превртете го тестото во садот и малку премесете го, повторно превртете го и оставете го покриено на топло место да отстои еден час за да може да ферментира и да го удвои волуменот. Потоа истресете го на малку набрашнета работна површина и нежно премесете го. Отсечете мало парче (150-200 г) и обликувајте топче со големина на дланката и оставете го настрана – за средината на погачата.




Остатокот од тестото поделете го на 10 приближно еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче. Земете го првото топче, малку со рацете развлечете го, а потоа и со оклагија. Оваа кора (со пречник приближно 25-28 см) тргнете ја настрана, а потоа постапката повторете ја со уште 4 топчиња. Растопете го маргаринот.




Редете пет кори една врз друга, а помеѓу премачкувајте ги со растопен маргарин. При редењето, секоја кора малку повлекувајте ја до ивиците на долната кора и малку притиснете со прстите за да се спојат.

Последната (5.) кора не ја премачкувајте. Малку притиснете го купот со дланките и тргнете го настрана, врз малку набрашнета површина. Постапката повторете ја и со другите 5 топчиња тесто, така да добиете 2 купа со по пет кори.




Кога ќе завршите со редењето, двете „пити“ исечете ги на по 8 триаголници. Земете тркалезна тепсија со пречник 28-30 см, обложете го со хартија за печење, па триаголниците наредете ги во круг, така што секој следен се потпира на претходниот, на неговата половина.

За полесно да се ориентирате при редењето, првите осум триаголници треба да ви ја исполнат половина од тепсијата, а исто така и на другата половина, другите осум. Тоа малото топче што го тргнавте на почетокот, сега поставете го во средината.

Погачата покријте ја и оставете ја на топло место да ферментира половина час, а за тоа време да го зголеми волуменот. Премачкјате ја со мешавина од посен мајонез и растопен маргарин, па наросете со семе и семки по ваш избор.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, 40-45 минути. печената погача нежно премачкјате ја со растопен маргарин и оставете да се олади. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.