Фото и рецепт: Лили

Понекогаш убавината е во едноставноста, како што е едноставен и овој колач. Се приготвува само од две состојки.

Потребни состојки:

300-500 г сусам
300-500 г локум
1-2 лажици масло
150-250 г желе бонбони (по желба)

Постапка:

Двете основни состојки се сусам и локум. Количината вие сами одредете ја, важно е само да внимавате на соодносот кој секогаш е 1:1.

Сусамот се пропржува во сува тава на многу тивок оган. Се меша постојано додека да зарумени, но треба да се внимава да не загори.

Кога сусамот ќе се испржи, му се додава малку масло и ситно сечкан локум. Се трга од оган и убаво се меси за да се соединат состојките.

Добиената смеса можете веднаш да ја распоредите во обложен калап со проѕирна фолија, или пак, врз фолијата да ја распоредите смесата во вид на кора.

По желба, врз кората можете да наредите сечкани желе бонбони, па да ја свиткате во ролат.

Вака приготвениот ролат или смесата во калапот, се оставаат преку ноќ во фрижидер за убаво да излади и да се стегне. Следниот ден или пред послужување се сече на тенки парчиња.