Старинските рецепти повторно се во мода: овој кремаст десерт никогаш нема да ви здодее

Порано кога немало готови пудинзи со различни вкусови, домаќинките вареле домашен кремаст десерт со природни вкусови. Основна состојка за згуснување на кремот бил скробот/нишестето или фино смелено пченкарно брашно. Овојпат ќе ви го претставиме рецептот за домашен пудинг со вкус на кафе. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 250 мл): 2 чаши млеко (500 мл), 1/2 чаша шеќер (100 г или по вкус), 3 полни супени лажици густин/скроб/нишесте, 1/4 чаша вода (околу 60 мл), 2 кафени лажички инстант кафе, 2 супени лажици врела вода




ПОСТАПКА: Приготвување е многу едноставно и за многумина веќе познато, но ајде да се потсетиме на овој старински рецепт. Земете едно нелепливо тенџере во кое обично го варите млекото. Многу е важно тенџерето да не ви лепи, зошто во спротивно млекото ќе направи наслага на дното, а потоа кремот ќе добие вкус на загорено.




Доколку се сомневате во квалитетот на тенџерето, најдобро е прво во него да ставите ладна вода за да се натопи дното. Откако ќе ја истурите водата, додајте го млекото и тенџерето ставете го да се загрева на умерено послаба температура.




Додека се загрева повремено промешувајте го. Кога доволно ќе се згрее, во млекото додајте го шеќерот, според рецептот е 100 г, но количината можете да ја намалите според сопствен вкус. Промешајте за да се раствори.




Настрана во еден помал сад ставете две лажички инстант кафе и додајте две супени лажици вода. Промешајте за да се раствори кафето, а потоа додајте го во топлото млеко и добро промешајте за да се изедначи.




Во посебен сад ставете три полни супени лажици скроб/нишесте и растворете со околу 60 мл вода. Добро измешајте со лажица додека скробот целосно да се впие и да добиете мазна изедначена смеса без грутчиња, па додајте ја во млекото.




Мешајте непрекинато додека кремот да се згусне. Во неколку десертни чаши на дното поставете чајна бисквита или по вкус, па одозгора прелијте со топлиот сварен крем.

Не ги преполнувајте чашите за да можете одозгора да ставите шлаг или пена од кафе. Оставете го кремот да олади на собна температура, а потоа уште два часа во фрижидер.




За пена од кафе: Во еден сад ставете 2 супени лажици шеќер, 2 супени лажици инстант кафе и 2 супени лажици врела вода.

Изматете со миксер (единечен) додека да добиете цврста пена. Декорирајте ги чашите со пената од кафе и послужете. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.

Претходна статијаПОСНА ТОРТА СО ЈАБОЛКА ПРЕЛИЕНА СО ШЕРБЕТ: Без капка масло, мирисна и сочна, мерки на лажица
Следна статија„Жалам што не го знаев овој рецепт порано“: Пита со разлистано тесто кое не мора да стои во фрижидер – брз и едноставен метод