Одлични се за појадок, вечера или ужина, а може да се послууваат на родендени, слави и други пригоди. Многу се вкусни, лиснати, сочни, меки како душичка…

Убави се да се јадат топли, но и ладни, а остануваат меки и следниот ден. Се приготвуваат со едноставен метод на преклопување на тестото за да биде лиснато.

Потребни состојки:

400 мл топла вода
200 мл јогурт на собна температура
40 г свеж квасец (10 г сув)
1 кг меко брашно
1 лажица шеќер
1 лажичка сол или по вкус
500 г ситно сирење
2 полни лажици кисела павлака
250 г маргарин
2 жолчки
50 мл масло + 4 лажици

Постапка:

Во млака вода растворете го квасецот, додадете една лажица шеќер и промешајте. Додадете 300-400 г брашно и сол, па повторно промешајте, да нема грутчиња. Додадете отприла уште толку брашно, 50 мл масло, јогурт и повторно промешајте.

Постепено додека месите додадете го остатокот од тестото (за изработка на тестото се доволни 900 г брашно). Замесете го тестото, прелијте со 2 лажици масло и премакајте го од сите страни, па сотавете го да стасува околу еден час додека да се удвои.

Ситното сирење ако не е солено посолете го, додадете ја киселата павлака и промешајте. Стасаното тесто премесете го и развлечете го во кора со димензии приближно 40х60 см. Изрендајте маргарин преку целата површина, па свиткајте ја кората како ролат. Оставете го ролатот да одмори 10 минути, па повторно развлечете го во кора.

Ова е и најтешкиот дел од работата, затоа што ролатот сам по себе повеќе се развлекува во должина отколку во ширина. Мене не ми го собира целиот, па затоа го сечам на половина. Значи развлечете кора со дебелина од 0,5 см и одозгора нанесете половина од филот. Преклопете ја кората и сечете ленти, а секоја лента спирално извиткајте ја. Лентите кои сега личат на стапчиња редете ги во намастен плех од рерна.

Кога ќе ги наредите сите ленти, изматете ги жолчките со преостанатите 2 лажици масло и прстофат сол, па премачкајте ги стапчињата. Оставете ја да стасува првата тепсија (толку се добива од половина тесто), додека да ја наполните и втората тепсија (истата постапка повторете ја и со вториот дел од тестото).

Кога ќе завршите и со второто тесто, вклучете ја рерната да се загрева на 220 степени, а за тоа време тестото уште малку ќе стаса. Ставете да се пече околу 20 минути. Јас печев 15 минути и уште 5 минути со вентилатор. Должината на печењето зависи од рерната, некому можеби ќе му треба 25 минути, додека убаво да зарумени.

Domacirecepti.net