Одлична закуска, а може и ручек бидејќи супер одат со освежителна салата. Ги правам често во различни варијанти, а денес ќе ви ги претставам омилените со кашкавал..

Вкусовите се прилагодливи, некои ги сакаат попикантни, некои посолени, така што количината на зачини ја оставаме на вас. Јас најчесто користам багет лепче, но може и со обични парчиња бел леб или парчиња интегрален леб.




За 17 парчиња (толку собира на тавата), користам 100 г полурастопен путер со 100 мл маслиново масло. Путерот и маслиновото масло ги ставам во блендер, а во него додавам свеж магдонос, колку ќе ми се фати на рака. Покрај тоа, ние многу го јадеме магдоносот, па го ставам во речиси секое јадење.




Од суви зачини користам тоа што ќе најдам дома, овојпат ставив уште малку сув магдонос, може и суво оригано и мајчина душица, но во мала количина бидејќи имаат јак вкус. Потоа, сол, црн пипер и малку чили по вкус, за брускетите да добијат пикантен вкус.




Зачините ги ставам директно во блендерот и се блендира додека да се добие густа убава смеса. Смесата се премачкува на лепчињата, а одозгора се наросува со кашкавал, јас користев околу 300 г.




Се става на печење во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 15–20 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. За вториот рецепт за соленки ќе ви бидат потребни следниве состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 200 мл млако млеко, 120 г путер, 1 јајце, 20 г свеж квасец (половина коцка), 1 лажичка сол, 1 лажичка интегрален шеќер. ПОСТАПКА: Во длабок сад изматете го јајцето со жица. Квасецот издробете го и растворете го млакото млеко со лажичка шеќер. Додајте го во јајцето, па соединете.




Путерот оставете го да омекне на собна температура, па со маталка (или со рака) промешајте го во течните состојки. Започнете постепено да додавате брашно и мешајте додека да добиете меко тесто.




Истурете го на набрашнета површина, па убаво домесете го за да добиете мазно и еластично тесто кое не лепи на рака. Вака формираното тесто вратете го во садот и оставете го покриено со крпа да стасува околу 45 минути.




Потоа извадете го врз хартија за печење, малку набрашнете го одозгора, па развлечете го во кора со дебелина од околу еден прст. Заедно со хартијата префрлете ја кората врз тенкиот плех од рерна, исечете ги долгнавестите стапчиња, премачкајте ги одзгора со жолчка и наросете ги со сусам и рендан пармезан по желба. Може да ги валате и во ситно мелени лебни трошки.

Ставете ги во загреана рерна на 200 степени да се печат околу 20 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.